30 јули | ажурирано
728 x 90

Откриен станот на чија адреса биле пријавени 30 гласачи од Пустец

  • 19:41, 02 јануари
vrata

Рузвелтова број 64. На оваа адреса е трошна и стара зграда во скопско Дебар Маало. Има само два ката и четири станови, сите по 45 квадрати. Не е палата, не е висококатница за во неа да живеат 50-тина луѓе. Но, според Избирачкиот список и МВР на оваа адреса би требало да има врвулица од луѓе. Како што открива Алсат М станот број 3 е една од адресите на која се водат 30-тина луѓе од Пустец, на кои нелегално во 2013 им биле издадени лични карти и станале гласачи во општина Центар. Станот е во државна сопственоста, а на вратата пишува дека тука живее семејство Крстевски. Но кога ѕвоневме не ни отвори никој. Според пајажината околу вратата очигледно е дека станот подолго време никој не го посетил. Прашавме кај соседите, кој живее во тој фамозен стан.

Во стан број три живее ли некој?
Има некој дечко ама не сме ни ние запознати баш...
Тој беше понапред стан на Верушевски, тројката.
Тука живеел порано Верушевски?
А, Верушевски до кога живееше тука?
Сега точно ако ви кажам ќе ве излажам која година, ама многу одамна е преселен.
Ова е државен стан?
Државен е станот. Не знам на кого припаѓа сега.
А, од Пустец имало ли тука луѓе сместувано?
Од? Пустец. Пустец....не знам.

Во овој стан до 2002 година живеел поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски. Во 2003 година тој под притисок на јавноста го врати станот на државата, бидејќи му биле доделени во владение два државни стана.

После тоа кој дојде во станот?
Никој. Не сум видел досега.
Сте виделе ли тука некои жители од Пустец, 20-30 луѓе биле сместени.
Не, не, не, не. Не сум видел никој и знам дека е празен.

Оттогаш соседите велат дека немало некој постојан станар. Министерот Спасовски пред три дена обелодени дека открил повеќе вакви државни станови на чија адреса незаконски биле издавани лични карти на луѓе од Пустец.

По 20, 30, луѓе од овие 424 лица се водат на една адреса. Направив проверка во избирачкиот список. Сите 424 лица со незаконски лични карти се наоѓаат во избирачкиот список, што значи им било овозможено да гласаат, рече Спасовски.
За мистериозните гласачи од Пустец СДСМ објави десетици разговори меѓу челниците на ВМРО ДПМНЕ и полицискиот врв. Во еден од разговорите поранешната министерка Јанкулоска на шефот на кабинетот на премиерот Груевски – Мартин Протуѓер му објаснува дека човечињата си гласаат и целата ситуација во општина Центар личи на циркус Медрано.

ГЈ: Циркус, Медрано.
МП: Лудница, ама добро оди, добро оди.
ГЈ: Абе, луѓево, човечињава си гласаат. Ова е сé споредно шо ти кажувам. Сите будалетинки се пуштени таму на интервенција.
МП: Многу јако.
ГЈ: А, знаеш провокации, што ти не, ама битно човечињава за рака се држат, влегуваат и гласаат, патент на уста.
МП: хахахаха
ГЈ: Па ги снимале за рака кај што одат, па ги објавиле на Либертас или на незнам кој. Циркус е, циркус е, мислам, лудница.

Министерот Спасовски изјави дека досега само во општина Центар открил 424 лица од Пустец на кои незаконски им биле издадени лични карти и кои ги немало на Избирачки список во 2011, туку се појавуваат на изборите во 2013 и 2014 година.    

Маја Јовановска