25 септември | ажурирано
728 x 90

Европратениците подготвени да ѝ помогнат на Македонија

  • 21:29, 11 јануари
vajgl

„Тешко, но подготвени сме да ѝ помогнеме на Македонија да излезе од кризата“. Ова беше краткиот став на европратеникот Кукан, еден од тројцата европратеници кои престојуваат во Скопје, во дводневна посета. Тие се сретнаа со политичките партии, со ДИК, како и со специјалната обвинителка. Но, партиите, според ставовите кои ги објавија денеска, остануваат цврсто на своите ставови.

Од долгите средби, една новост од ДПА. Денеска го артикулираше својот нов став „дека никој нормален нема да учествува на избори, кои не би биле коректни и демократски“. Според ВМРО ДПМНЕ, Договорот треба да биде исполнет, но најавените избори за 24 април не треба да се одложат.

ВМРО ДПМНЕ:
„Одржувањето на изборите во предвидениот датум ќе значи и целосно заокружување на договорот и излез од кризата. Секој обид да се изигра овој услов го доведува во прашање целокупниот договор и се што е досега постигнато.“  

За СДСМ, условите се примарни.

СДСМ:
„СДСМ ги исполни сите обврски од Договорот. Очекуваме сите страни да ги исполнат. Претседателот Заев изрази жалење што не се спроведуваат реформи во клучни области, директно поврзани со изборниот и предизборниот процес, кои се цел на Договорот од Пржино.“

Али Ахмети, како и неговиот владин партнер, категорички е против одложување на датумот на изборите.

„ДУИ е категорична – да се почитува датумот за избори, да се почитува договорот од втори јуни, бидејќи одложувањето на изборите значи и продолжување на кризата и ние воопшто не сме подготвени да преговараме за одложување на изборите“, рече Али Ахмети, претседател на ДУИ.

„Никој нормален не би учествувал на избори кои не би биле фер и демократски. Времето за прочистување на изборните листи истекува. Нашиот став е дека доколку во текот на оваа недела ДИК не започне да работи со полн капацитет и не се спроведе претходниот договор, Генералниот секретар да биде Албанец предложен од ДПА, надежите за праведни, фер и демократски избори  ќе спласнат!“, изјави Мендух Тачи, претседател на ДПА.

По долгите денешни средби, европратеничката тројка се воздржа од изјави.  Но Кукан, на социјалната мрежа Твитер истакна дека е „Тешко, но сме подготвени да помогнеме“. Финалниот став на европратеничката тројка ќе се заокружи со утрешната прес конференција, по средбите со ДИК и Специјалната обвинителка.

Кренар Садику