28 јули | ажурирано
728 x 90

Нема доближување на ставовите за медиумите

  • 21:15, 15 февруари
Mediume_15

Останаа уште неколку дена до датумот кога треба да се затвори прашањето за медиумите, но сѐ уште нема никаков напредок. Политичките партии со посредникот Питер Ванхауте имаат уште малку време пред оценката на амбасадорите на ЕУ и на САД дали Македонија ги исполнила условите за одржување избори во април.

До крајот на неделава треба да се реализира и средба на лидерите на четирите политички партии со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Иако се најавуваше посета на Хан на Скопје, Алсат М дознава дека средбата со преговарачката четворка може да се одржи во Брисел.

Посредникот Ванхауте освен со политичките партии се сретна и со претставниците на Македонската медиумска асоцијација за да дискутираат околу ставовите на најголемите телевизии во земјава.

ММА побара целосна деполитизација на Агенцијата за медиуми, бришење на членот 92, регулирање на авторските права, пред казнувањето да има предупредувачки мерки и рационални казни за медиумите. Предлогот за казнувањето го прифатил и посредникот Ванхауте и дел од партиите, а само ВМРО – ДПМНЕ бара максимални казни.

ММА исто така побара програмите од домашна продукција да бидат поддржани од специјален државен фонд кој ќе помогне во домашното медиумско творештво. Од барањата на ММА останува да се дискутира само за начинот на избор на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.

Ванхауте изразил оптимизам за реформите во медиумите. На неговиот профил на социјалните мрежи, ја остава отворена можноста политичката елита да избере меѓу слободата во медиумите и медиумската контрола.

Разговорите продолжуваат на ниво на консултации, бидејќи сите партии завршиле со доставување на амандмани за предлогот на Ванхауте. Предлогот ја има поддршката на трите партии, СДСМ, ДУИ и ДПА, но сѐ уште се противи ВМРО – ДПМНЕ.

ВМРО – ДПМНЕ тврди дека е подготвена да прифати копирање на секој закон кој доаѓа од било која земја од Европа и тврди дека предлогот на Ванхауте е во прилог на опозицијата.

Кренар Садику