ALSAT-M Македонски: Европа, “Ветена земја” Европа, “Ветена земја” ================================================================================ Alsat M on 03/03/2010 14:45:00 Само два месеца Македонија беше пример за почитувањето на визната либерализација. Патуваа само оние кои имаа полн џеб. Одеа, се шетаа, забавуваа и се враќаа повторно во нивното родно место. Овој филм беше краткометражен; траеше многу малку. Наеднаш како да се отворија сите врати и животот тука веќе не беше добар. Сите појдоа кон европските земји, како единствена можност за подобар живот и подобра перспектива. Ги продаваа нивите, богатсвото, златото, и што уште не, со цел да стигнат таму каде што мислеа дека ги чекаат со отворени врати и таму каде што мислеа дека за да преживеат би било многу полесно отколку тука. Некој заминува од мака, другите од ќеиф. Некои својата спална соба ја заменуваат со автобуски, железнички станици, а некои со џамии и цркви. Условите ни малку добри за живот ги натераа овие граѓани да создадат долги редици пред Бирото за емигранти во Белгија. Жени, мажи, деца, стари и млади се молеа да бидат токму тие кои ќе добијат азил и да бидат згрижени во преполнетите центри. Но, се разочараа. Азил за нив нема. Тие што го добија овој одговор со наведната глава се вратија во нивното родно место, со една мака повеќе- како ќе ги надоместат и тие малку пари што ги имаа, а кои ги потрошија во оваа “авантура”. Кошмарот за нив сега е многу поголем. Кој го доведе народот во ова дереџе? Кој ги убеди дека Европа ги чека со раширени раце? Ако некој ги манипулираше, зошто некој друг не ги спречи! Требаше новинарите да алармираат за ситуацијата, оти да не беа тие, цело Липково и Куманово ќе беа испразнети преку ноќ, и никој немаше да забележи. Политичарите беа во најдлабок сон. Егзодусот ги разбуди. Но тие не се освестуваат на жителите на овој крај да им обезбедат подобри услови за живот, туку настанатата ситуација ја гледаат како можност за сликање, за меѓусебни обвинувања и за меѓусебни политички- партиски пресметки. Но, забораваат дека требале да работат во последните 20 години. Ако секој ден, во сите овие години се ставаше по една цигла, липковскиот регион, тешко погоден од конфликтот во 2001 година, денеска немаше да биде на границата на масовно напуштање. Отворија социјални центри. Дали можеби за да ги пречекаат тие што заминаа од родните места? Каде беа порано да ги отворат ушите за да ги слушнат маките на овие жители, дел од кои се на работ на егзистенцијата? Дали политиката ја доведе ситуацијата до оваа точка? Политичарите се фалеа со постигнатата визна либерализација, но од еуфорија заборавија да ги информираат невработените граѓани, кои уште повеќе се осиромашија од глобалната и локалната економска криза, што навистина значи таа. Во обид да добијат политички поени заборавија да објаснат дека укинувањето на визите не е можност за вработување во земјите на ЕУ. Заборавија да им објаснат дека Европа навистина ги отворила вратите, но не за да го зголеми бројот на населението, туку за да им нуди на државјаните на Македонија една можност повеќе за студирање, забава, за патување и за посета на роднините. Но зошто сега овие луѓе кои имаа стремеж да бидат “државјани” на Европа се враќаат? Сигурно е дека не заради фактот што ги заборавиле пиџамите дома, туку бидејќи некој им ја направи Европа иста како во Липково, Куманово или Тетово. Каде се институциите да ги пронајдат тие, кои на овие сироти им ветија Ел Дорадо? Се апелира за ненапуштање на домовите, но никој не ги спречува тие што сакат да одат. Преполнетите автобуси ја минуваат границата како да е патарина. Институциите во Македонија како да не се заинтересирани и не сакаат да видат дека нивните држајани на пат во една насока. Тие повеќе се фокусирани на реализирање на милионски проекти. Доколку овие милиони ги делеа во регионите што се напуштаат, ситуацијата ќе беше многу поинаква и немаше да дојде до оваа точка. Европа почнаа да ја боли глава од нас. Подарокот што ни го даде, може и да ни го земе. Не знаеме да го цениме како што треба: го злоупотребуваме свесно или несвесно. Не е невозможно еден урнат мост, повторно да се изгради! Но додека чекаме дали ова навистина ќе се случи , ни преостанува да ги видиме последиците од лошото перцепирање на Европа. Авторот е водител на емисијата „Еврофокус“ Ставовите изнесени во оваа рубрика се лични и не ја одразуваат уредувачката политика на Алсат-М.