ALSAT-M Македонски: Гантар: Билатералниот спор за името не би требало да влијае на преговорите со ЕУ Гантар: Билатералниот спор за името не би требало да влијае на преговорите со ЕУ ================================================================================ Alsat M on 10/03/2010 11:07:00 Билатералниот спор околу името со Грција не треба да влијае врз почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Ова го изјави денеска во Скопје претседателот на словенечкиот Парламент, Павел Гантар, по средбата со неговиот македонски колега, Трајко Велјановски. Според Гантар, Македонија треба да биде дел од НАТО и ЕУ, а спорот не треба да претставува пречка за тоа. "Според извештајот на европратеникот Зоран Талер, Македонија несомнено направи голем чекор напред кон демократизацијата на системот и не постои ниту една причина Македонија во текот на шпанското претседателство да не добие датум за отпочнување на преговорите и да не може да ги отвори првите поглавја. Сметаме дека билатералниот спор не треба да влијае врз овие преговори. На двете страни им препорачуваме да разговараат и да бараат решенија за кои треба да бидат во служба на двете држави.“ Од друга страна, Велјановски го информираше неговиот словенечки колега и со проблемите со албанските азиланти во Белгија и за мерките што ги преземаат одговорните институции за да ги информираат граѓаните околу визната либерализација. Тој истовремено изрази благодарност за поддршката која Словенија ù ја дава на Македонија за нејзиното членство во евроатлантските структури. “Во Извештајот за Македонија, што неодамна беше објавен од Европскиот параламент многу децидно се наведува дека Република Македонија треба во разумен рок да добие датум за отпочнување преговори. Во фазата на отворањето на поглавјата националните парламенти имаат многу значајна и одговорна улога. Затоа предложив идната соработка меѓу двата законодавни дома да оди токму во таа насока и тоа на сите нивоа, изјави спикерот на македонскиот Парламент. Слични пораки претседателот на словенечкиот Парламент пренесе и пред пратениците, а се сретна и со премиерот Никола Груевски. Ѓултен Реџалари