Последен збор ВЕБИ ВЕЛИЈА (1948-2009)
Заминувањето на Веби Велија од нашите животи е како некој да го сопрел ветерот во природата. Во последните четириесетина години, со силата на подшарпланинските ветришта на родното село Градец, Веби помина повеќе балкански и светски километри од повеќето професионални пилоти. А и квоциентот на интелигенција му беше „пилотски“: близу 150! Енергијата што тој ја поседуваше можеше да помрдне планини. Личниот интегритет со којшто тој располагаше, беше како планина. Планина во движење.
Роден пред шеесетина години во Македонија, интелектуално израснат и воспитан во Хрватска, со раширениот бизнис низ Балканот, а особено во Албанија, Велија е редок примерок на светски човек и Балканец, во најубавата смисла на тие зборови: космополит, толерантен, со нежна душа, меко срце и широка рака, но и со решителност и храброст својствена за луѓето со цврст карактер и авантуристички дух. Неговата постојана љубопитност можеше да се мери само со високата проникливост на умот, со визиите во бизнисот и политиката што секогаш ги натфрлуваа и највисоките и најзавеани балкански превои.
Својот народ, Албанците, му беа постојана преокупација. Кон нив беше строг како што е строг таткото кон своите палави деца, но и неизмерно горд и нежен каков што е дедото кон своите внуци. За навек ги задолжи со личен придонес што на овие простори тешко дека ќе биде надминат. Ги сакаше и ценеше сите што ги опкружуваа Албанците. Веби луѓето единствено ги делеше на добри и лоши, на паметни и помалку паметни. Кај него доаѓаа сите, и паметните и оние помалку паметните, оти неговите совети беа драгоцени и за оние кои сакаа и за оние кои не сакаа да ги слушнат. Кога во долгите разговори на зајдисонце во Цавтат, на летната скопска врелина во Бардовци или за време на благите зими во Тирана му велев дека ситуацијата во државава е сериозна, знаеше мудро да ми врати: „Еј, Сашо, па не пропаѓаат држави заради една-две будали, побрзо ќе биде дека тие самите ќе пропаднат!“... Многумина од оние што пропаднаа ќе беше подобро да го послушаат.
Познавам многу бизнисмени на кои телевизиите што ги поседуваат им се само уште едно средство за ширење на бизнисот. За Веби неговите телевизии, пред сé, беа средство за еманципација, за образување, за „отворање очи“ на народот. Во Алсат-М доаѓаше еднаш годишно: да ни честита Нова година. Неговото инсистирање на професионалните новинарски стандарди и на независноста на уредувачката политика беа репери што, во валканиот свет на домашната политика, не беше лесно да се достигнат.
Понекогаш внимателно ќе забележев дека можеби треба да го намали темпото со кое живееше. Попатно ќе дофрлеше: „Други се родени за тоа...“
Веби беше роден за да успее. Делата што ги остави зад себе недвосмислено го потврдуваат тоа.
Сашо Орданоски
Директор на АЛСАТ-М
| Не | По | Вт | Ср | Че | Пе | Са |
| 1 | 2 | 3 | ||||
| 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 |
| 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 | 17 |
| 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 | 24 |
| 25 | 26 | 27 | 28 | 29 | 30 | 31 |







