Партиите и "медиумскиот виновник"
Пишува: Исуф Кадриу
Во отсуство на сила да се спротивстават на проектите со кои не се согласуваат, а кои се усвојуваат во законодавните институции каде и самите учествуваат, албанските политички партии ја продолжуваат негативната традиција во потрага по виновникот.
Не само меѓу албанскиот политички противник, туку и меѓу медиумите кои ги соопштуваат сите слабости, немоќта, инфериорноста и сите зла во однос на нивната положба во власта и во опозицијата.
Албанските партии не избираат методи за борбата против медиумскиот "виновник", било преку закани, земање на новинари на "информативни разговори" во партиските седишта или употребата на сила врз нив.
Треба да е за жалење, но нашите партии со сопствените постапки нè потсетуваат на тоталитарниот период, кога слободата на говорот не можеше да се замисли, а камоли да се објавува секоја критика против комунистичките лидери, било да се тие и партиски раководители во планинските села.
Последниот случај со потпретседателот на ДПА, Илјаз Халими им го враќа сеќавањето на Албанците на 2001-та година, кога нејзиниот поранешен функционер, Бедредин Ибрахими, припадниците на ОВК ги нарече "лоши кучиња кои го носат волкот во штала".
Сега, скоро 10 години подоцна, Илјаз Халими, неговите политички противници ги поистоветува со "ракот", а во оваа категорија ја стави и телевизија АЛСАТ-М, која единствениот "грев" што го прави е што постапува професионално, следејќи ги сите реакции кои следеа по неговата изјава изречена на оваа телевизија, во која рече дека не го интересира доколку на плоштадот во Скопје се градат и три цркви, бидејќи главен град на Албанците, според него бил Тетово.
Оваа изјава имаа можност да ја следат стотици илјади етнички Албанци, не само во Македонија, туку и пошироко. Реакциите кон неа беа многу остри, што предизвика нервоза во редовите на ДПА, која како и во другите прилики (случајот со Бедредин Ибрахими), наместо да се дистанцира од таквата катастрофална изјава или да молчи, реагираше со "јазикот на силата", сведочејќи дека нејзиниот пристап кон медиумите е ист како и пред 10 и повеќе години.
Во подобра ситуација не се наоѓа ниту ДУИ. Оваа партија, за разлика од првата, користи повеќе софистицирани методи и преку многу пониски нивоа на партијата се обидува да ги "контролира" медиумите и паралелно со тоа, вешто ги користи грешките на политичките противници за покривање на сопствените грешки кои ги прави дејствувајќи од позиција на власт.
Инфериорноста кон проектот "Скопје 2014"
Во отсуство на концепт или сила да му се спротивстави на најконтроверзниот проект во последниве години, "Скопје 2014", ДУИ ја насочува сопствената сила на дејствување против нејзиниот политички опонент, наместо тоа да го прави таму каде што се донесуваат одлуките и се утврдуваат политиките.
ДУИ не треба да се обидува преку критиките упатени до нејзиниот опонент да го оддалечува вниманието од овој проект, кој веќе силно ги придвижи меѓуетничките тензии и ги подели, како никогаш досега, граѓаните врз етничка основа.
ДУИ не треба да се занимава дури во ниту еден момент со тоа, кога и како се донесени одлуките за овој проект. Ова сите го знаеме, дури и јавно го признаа и нејзините политички противници. Добро е да се потсети јавноста, но тоа не треба да се користи како "храна" за заштита на нејзината популарност, која веќе почна да избледува.
Потпретседателката на партијата, Теута Арифи овој проект го нарече "камена зоолошка градина". Но, крштевањето што таа му го направи на плоштадот на Скопје воопшто не кореспондира со тоа на нејзиниот лидер дека е "добро што се дебатира за градбите на Плоштадот".
За каква дебата зборува Ахмети, кога на плоштадот веќе се гради?
Гледано од аспект на политичкото дејствување, албанските партии досега не успеале да финализираат речиси ниту еден проект.
Станале како неподготвени атлетичари кои никако да стигнат на целта, дури ни на последната позиција. Така стојат работите со јазикот, знамето, територијалната поделба, со сè уште неконсолидираното образование, правичната и соодветната застапеност и со сè друго што се однесува на Албанците.
Виновник за тоа се всушност двете партии, кои веќе докажале дека нивен приоритет останува зачувувањето и зголемувањето на партиската доверба.
ДУИ и ДПА во "клиничка смрт"
Игнорирањето кое им го прават нивните партнери, со одлуките донесени во извршната власт, ги принудува партиите да не избираат методи за преживување и подигнување на нивниот кредибилитет. Партиите се во "клиничка смрт".
ДУИ ја вади од "клиничка смрт" ДПА и обратно. ДПА во последните анкети на јавното мислење забележа значителен пораст на популарноста, но не поради нејзините заслуги, туку поради низата грешки на ДУИ, проследени со реагирањата од партијата на Тачи, емитувани од телевизија АЛСАТ-М, се разбира, која Халими ја нарече "рак".
Неговата скандалозна изјава за случувањата околу плоштадот на Скопје и нападите против АЛСАТ-М телевизија, која ги пренесе реакциите предизвикани од неговата изјава, партијата повторно ја ставија во "клиничка смрт", но од друга страна пак, ја извлекоа ДУИ, која исто така беше падната во " клиничка смрт", како резултат на грешките и нејзината инфериорност во Владата.
Двете партии не го разбираат тоа затоа што на време се укажувало дека нивните умови се фокусирани на новите напади или противнапади кон политичкиот противник, без да бидат свесни дека користат "лекарства", без лекарски рецепт.
Двете можам да ги ставам во еден "гроб" ако не го подобрат нивниот пристап кон политичкиот противник како и кон медиумите, како коректор на нивната работа.
Авторот е заменик на главниот уредник на АЛСАТ-М
Ставовите изнесени во оваа рубрика се лични и не ја одразуваат уредувачката политика на Алсат-М.
| Не | По | Вт | Ср | Че | Пе | Са |
| 1 | 2 | 3 | ||||
| 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 |
| 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 | 17 |
| 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 | 24 |
| 25 | 26 | 27 | 28 | 29 | 30 | 31 |








-


Facebook
Furl
Digg
Myspace
Windows Live
Yahoo MyWeb



Испрати коментар