Насловна | Веб колумна | Тодоров - Закон 0:1 ?!

Тодоров - Закон 0:1 ?!

Големина на текст: Decrease font Enlarge font
image

Пишува: Боби Христов

Во обид да ги смири тензиите што ги крена во албанскиот политички блок со неговата одлука основците Албанци да учат македонски јазик од прво одделение, министерот Тодоров изминатите две недели во јавноста се обидува да ја смири ситуацијата со опширнa даскалска експликација дека „научно е докажано дека центарот за говор кај децата се развива многу рано и токму на таа возраст најдобро е изучувањето на јазиците да се одвива од 4 до 8-годишна возраст“. Но во ситуација кога неговата одлука е оспорена и пред Уставниот суд, дел од правните експерти велат дека на Тодоров не му се од помош неговите “органски, когнитивни и мотивациски“ факти за најпогодното доба за учење јазици.

Професорот на Универзитетот на југоисточна Европа Јетон Шасивари е дециден дека Тодоров го прекршил Законот за основно образование.
„ Во услови кога во член 42 од Законот за основно образование од август 2008 година е предвидено дека наставата во четврто одделение ја изведува наставник по одделенска настава или педагог, освен за наставата по англиски јазик и за наставата по македонски јазик за учениците од припадниците на заедниците кои наставата ја остваруваат на јазик и писмо различни од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо... станува јасно дека оваа одлука на министерот за образование не во согласност со Законот “- вели Шасивари.

Доцент д-р Иван Бимбиловски, продекан на Факултетот за правни науки при Европскиот Универзитет вели дека не се сомнева во добрите намери на министерот, ниту, пак, верува дека одлуката лошо ќе се одрази по интересите на оние на кои што се однесува. Но од правен аспект, вели, таа е незаконска.

„Не може, а да не се забележи дека нејзиното донесување предизвика незадоволство и меѓуетнички превирања, што имплицира дека потегот не е докрај политички пресметан. Исто така, мора да се нагласи дека одлуката не е во согласност со членот 42 од Законот за основното образование, особено со ставот 5 во него, што значи дека истата е противзаконска “ - дециден е Бимбиловски.

Малку аргументи беа предочени од министерот за неговото убедување оти сè е според законот. „Според мене, мали се шансите Судот да донесе одлука што би била спротивна на Одлуката која Министерството ја донесе“, изјави Тодоров за дури и да го затвори „спорот“ со  констатацијата дека „сè што би било поинаку, би било ултралиберално и преекстензивно поимање на еднаквоста, што би направило од државата рај за уставно-правни експерименти и правни истражувачи“. Но според правните есксперти уставно правен експеримент е токму потегот на министерот. Тие се согласуваат со министерот само во едно, дека неговата одлука има уставен основ, но за жал не и законски.

„Одлуката е неспорна во поглед на уставната обврска за изучување на македонскиот јазик, бидејќи таква обврска е предвидена во член 48 став 4 од Уставот. Меѓутоа законот исполнувањето на таа обврска го предвидува од четврто одделение. Уставниот суд не ја штити само уставноста, туку и законитоста на прописите. Законската одредба може да се менува или дополнува само со нова законска одредба, за чие што усвојување покрај редовното мнозинство, во овој случај потребно е и бадентерово мнозинство во парламентот“ – објаснува професорот Шасивари.
И тука крупните правни дилеми за уставноста и законитоста на одлуката се затвораат. Иако дел од претходниците на Тодоров на министерската фунцкија оспоруваат и други негови како законски така и „научни„ експликации.
Имено, министерот како еден од своите главни аргументи посочува дека со неговата одлука не се воведува македонскиот јазик со цел учениците од немнозинските заедници да се описменат туку само да се запознаат со јазикот, а описменувањето и понатаму ќе се случува во четврто одделение согласно со Законот.

Но, таквото објаснување не држи, бидејќи принципот на запознавање и осознавање на јазикот, а не описменување, за кој говори Тодоров, важи и за учениците Македонци за македонскиот јазик. Тие во прво одделение не се описменуваат, букви почнуваат да пишуваат дури од второ одделение. Англискиот, пак, го изучуваат низ „конгнитивни елементи“ и во прво и во второ и во трето одделение. И тоа не е случајно. Прво има поткрепа во истиот член од Законот во кој се вели дека немнозинските заедници македонскиот јазик го учат од четврто одделение. И второ, на стручен план има и посложена генеза: наставните планови и програми се носат врз основа на документ наречен Концепција за основно образование и воспитание, таа пак се темели на Националната програма за развој на образованието, која е подготвена од повеќе од десетина експерти и усвоена од Собранието. И оттука секое менување на нештата треба да оди редоследно со менување на дузината акти кои се меѓусебно поврзани.
Затоа, поранешниот министер за образование Сулејман Рушити во чие време е донесена Концепцијата за основото образование вели дека одлуката е дневно - политичка и без никава научна и законска основа.

- Одлуката е донесена сосема незаконски и без никаква политичка и научна анализа. Нормалната процедура за донесување ваква одлука е Министерството, заедно со Бирото за образование и педагошката служба и со експерти и после длабока анализа дава предлог до Владата, а таа усвојува или не таква одлука и измени, за концепцијата за деветгодишно образование работевме како Министерство и со странски експерти околу една година – вели Рушити.
Кога сè ќе се собере, заедно со нараснати етнички тензии и барања за одговорност од албанскиот партнер во Владата – ДУИ,  излегува дека добрите и благородни намери на Тодоров, да придонесе за што поголема интеграција на заедниците, како што самиот вели, се затрупани со низа незаконски и политички неодмерени потези.
Ако со истиот маштраб, со кој ја води битката за неговата одлука основците Албанци да учат македонски од прво одделение, министерот Тодоров биеше битка во карате ринг, во најмала рака ќе беше дисквалификуван за недозволени удари. Тоа е најблагата казна за секој недозволен удар во овој спорт. Во политичко- правниот двобој што го отвори одлуките на судиите допрва се очекуваат. Иако со стеснет маневарски простор,  на потег е повторно тој – може сам да се повлече и да си ја признае грешката, што никако не значи дека гревот треба да му се прости или да добие уште еден нокаут од уставните судии во неговата кариера.

Авторот е уредник во ТВ АЛСАТ-М

Ставовите изнесени во оваа рубрика се лични и не ја одразуваат уредувачката политика на Алсат-М.

Текстот е првично објавен во неделникот Форум

Пријавете се на feed  на коментари Коментари (0 Пратен):

Нема да бидат објавувани коментарите што содржат говор на омраза,навредливи пораки, дисквалификациии по лична, национална, политичка основа и не придонесуваат за развој на дебатата.

Испрати коментар comment

Внесетего кодот од сликата :

  • email Емаил на пријател
  • print принт верзија
  • Plain text Само текст
>>> Веб колумна
Previous
Next
Прегледај ја архивата
first first јули, 2010 first first
Не По Вт Ср Че Пе Са
1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31