Лидерскиот состанок за РСС заврши без договор
Не се постигна конкретен договор на лидерската средба на четирите водечки политички партии за намерите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да се пристапи кон уставните измени за Републичкиот судски Совет. Премиерот Груевски пред лидерите иницијативата ја објаснил како намера да се воведат механизми за зголемување на ефикасноста во судството. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, за да може да се изјасни побарал конкретни предлози во писмена форма.
“Денеска разговаравме за ова, се отворија разни дискусии, беше обратено внимание на тоа што ако се појават и други иницијативи. Ние сме подготвени да ги сослушаме, што не значи да ги прифатиме сите други иницијативи. За да се побара на крај, од страна на господинот Црвенковски да му доставиме на писмено како би изгледала финалната фаза на текстот кој што би бил усвоен. Господинот Селмани исто така, даде свои видувања вклучувајќи ги неговите работи што ги кажуваше во јавноста, за дополнителни барања за промена на Уставот. Работи за кои што јас го прашав дали се дел од Рамковниот договор, тој кажа дека не се. Јас тоа повеќе го разбирам како потреба од менување на охридскиот Рамковен договор за што мислам дека не е добро време“, истакна Груевски.
“На денешната средба чувме само едно кратко воведно усно објаснување од страна на премиерот во општи назнаки и без конкретни решенија кои се предлагаат за измени на Уставот. Беше заклучено дека на следната лидерска средба или поточно пред следната лидерска средба од страна на иницијаторите, денеска ни беше кажано дека е тоа владината коалиција, ќе ни биде доставен таков писмен документ по кој што ќе можеме да се изјасниме“, рече Црвенковски.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети не сакаше да каже каков е неговиот став за инициајтивата на Груевски. На средбата, како што се дознава, Ахмети побарал од Имер Селмани писмено да ги достави предлозите за примена на Бадентеровиот принцип во одлуките на Уставниот суд.
“Премиерот имаше директно прашање дали овој дел е регулиран со Охридскиот договор. Мојот одговор беше доста конкретен - дека Охридскиот договор има пишувани делови, но има и свој дух и заштитни механизми од мајоризацијата. Бадентеровиот принцип, двојното гласање е принцип од висока вредност на Охридскиот договор и ова бездруго треба да се имплементира и на одлуките на Уставниот суд“, рече Селмани.
Измените во Уставот што ги предлага ВМРО - ДПМНЕ предвидуваат зголемување на бројот на членовите на РСС, укинување на правото на министерот за правда да биде член на ова највисоко судско тело и скратување на мандатот на членовите од 6 на 4 години.
Бедри Реџелари
| Не | По | Вт | Ср | Че | Пе | Са |
| 1 | 2 | 3 | ||||
| 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 |
| 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16 | 17 |
| 18 | 19 | 20 | 21 | 22 | 23 | 24 |
| 25 | 26 | 27 | 28 | 29 | 30 | 31 |








-


Facebook
Furl
Digg
Myspace
Windows Live
Yahoo MyWeb



Испрати коментар