ВЕСТИЕКОНОМИЈА

800 вработени без плати за февруари и март, а газдите земале помош

Близу 800 вработени си ги немаат земено февруарските и мартовските плати иако на работодавачите им е дадена државна помош за исплата на плати. Праксата, на злоупотреба на  државната помош за исплата на плати продолжува и оваа година. Од УЈП велат дека на сите им се испратени опомени, а по истекот на рокот од седум дена ќе следува присилна наплата.

„181 работодавач ја злоупотребил оваа финансиска помош без разлика дали станува збор за еден месец или за два месеци и ги обесправил 753 вработени да може да си го остварат правото на плата“, рече Сања Лукаревска- Директорка на УЈП.

Синдикатите бараат кривична одговорност од работодавачите за ваквите дела да не се повторуваат каде оштетен е само работникот.

„Бараме да се примени кривичниот законик не само што бараме парична казна или глоба, бараме до една година затворска казна  за оние управители менаџери или директори на тие фирми за да се подигне свеста на највисоко ниво дека парите кои ги дава државата се наменски за работникот“, вели Дарко Димовски- Претседател на ССМ.

Здружението „Гласен текстилец“ ќе иницираат законски измени во делот на глобите за да може да се заштитат работничките права.

„Не може работодавач кој што не исплатил две или три плати на стотици вработени да си помине со 200 евра казна а работниците да си ги бараат платите во судска постапка која е скапа и не може еден работник кој не земал три месеца плата да плаќа судски трошоци и адвокати“, рекоа од здружението „Гласен Текстилец“.

Уште во август лани, Генералниот секретаријат на Владата ги испрати првите пријави до Основното Јавно обвинителство каде бараше кривична одговорност од работодавачите, но по речиси една година нема разврска за ниту еден случај. За февруари и март државна помош за исплата на плати земале речиси 25 илјади работодавачи и плати исплатиле на повеќе од 100 илјади работници.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button