ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Амбасадата на САД демантира – Не ги поддржале уставните судии да си ги покачат платите!

Американската амбасада го демантира Уставниот суд. За Алсат објаснуваат дека ниту ги охрабриле, а уште помалку дале одобрување за зголемување на платите на уставните судии за 35 проценти. Амбасадата демантира дека била дел од некаков процес во кој се одлучувало на основните плати од над 90 илјади денари, уставните судии да си додадат додатоци од 30 илјади денари плус.

Амбасада на САД:

„Амбасадорот нема ниту улога, ниту желба да се занимава со работи што се однесуваат на администрацијата на Уставниот суд или кој било друг суд во Северна Македонија. Амбасадорката Брнс се сретна со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во јануари 2020 година. Амбасадорката изрази поддршка за важната работа на Судот и неговото значење за владеењето на правото и демократскиот напредок на Северна Македонија.“

Ова негирање од амбасадата на САД доаѓа после вчерашното соопштение на Уставен во кое се тврдеше дека силна поддршка за зголемувањето на платите дошла од некои амбасадори, меѓу кои и оние на САД и на Европската комисија во земјава. Уставните судии тврдеа дека на некои дипломати им презентирале дека треба да земаат повеќе пари за да бидат независни и непристрасни. Алсат денеска ја праша и амбасадата на Европската комисија дали ова тврдење е точно, но одговор не добивме. Инаку, уставните судии без законско решение во Собранието, туку само со измена на нивниот Деловник за работа, донесоа одлука да земаат додаток од екстра најмалку 30 илјади денари покрај основната плата.

Осуда за ваквиот начин на зголемување на платите во Уставен, дојде и од Антикорупциската комисија од каде наведоа дека судиите тоа морале евентуално да го реализираат преку гласање на пратениците во Парламентот. Во соопштението Уставен вчера не појасни од каде ќе најде пари за додатоци за годинава и дали такви пари се планирани во нивниот буџет.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button