
Американскиот државен секретар Марко Рубио нема да учествува на разговорите во Лондон, чија цел е да се стави крај на војната во Украина, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.
Откако разговараше со својот британски колега, на социјалната мрежа Икс Рубио објави дека ќе го одложи патувањето и ќе го посети Обединетото Кралство во наредните месеци.
Разговорите ќе продолжат, а на нив ќе присуствува и претставникот на претседателот Доналд Трамп за Украина, генерал Кит Келог, додаде тој.
Сепак, не е јасно дали неговото отсуство значи дека Трамп ги намалил очекувањата на Вашингтон за состанокот во Лондон, откако во неделата изјави дека се надева оти Москва и Киев ќе постигнат договор оваа недела за прекин на конфликтот во Украина.