ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Амнестирани сите обвинети како организатори за крвавиот упад на 27 април

Целосна амнестија за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“ – Кривичниот суд пресече – обвинетите Миле Јанакиески, Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се ослободуваат од секаква вина и за нив ќе се примени законот за амнестија од 2018 година. Оваа одлука ја донесе судијата Илија Трпков, откако на последното рочиште и обвинителството излезе со мислење дека треба да бидат амнестирани.  Покрај ваквата одлука, Трпков рече дека тој останува на ставот оти целта на законот од 2018 година не била да се амнестираат организаторите, бидејќи на тој начин излегува дека извршителите на овие настани самоиницијативно влегле во Собранието.

„Не може да се случи да се пробие кордон полиција на обичен кошаркарски натпревар, а не пак полициски кордон пред собранието, пред кое повеќе денови се протестираше и полицијата беше подготвена за интервенција. Предметот ниту паднал ниту се докажа дека настаните во собранието не се организирани, туку се побара милост од државата за овие настани. Лично јас сметав дека обвинетите ќе одат до крај да докажат дека немаат вина во овој случај“, рече Трпков.

Покрај тоа што вели дека тој лично не е за амнестијата која денеска сам ја потврди, Трпков вели дека во Собранието се кројат закони за да им се угоди на одредени лица и дека тоа е нешто што е општо познато.

„На целокупната македонска јавност јасно и очигледно и е во кој правец се носат законите и како се толкуваат. На македонската јавност сосема и е јасно на кого се помага со законите и во чија полза тие се толкуваат, сигурно не се толкуваат во полза на оние лица за настаните во собранието кои се наоѓаат во македонските затвори“, рече Трпков.

И покрај ваквото јасно образложение, на крај, Трпков носи одлука со која ги ослободува обвинетите.

„Имајќи го во предвид наведеното напаствијата на апелациониот суд Скопје во однос на законот за амнестија и ставовите на овластениот подносител на обвинението – Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 20.12.2024 година . Па на овој совет не му преостанува ништо друго освен да донесе решение со кое барањето за примена на амнестија поднесено од обвинетите Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски се уважува“, рече Трпков.

Ова значи дека сите обвинети во овој случај се ослободени и дека судијата Илија Трпков во третиот обид на одбраната да избори амнестија овојпат носи одлука во нивна корист. Претходно, во 2021 година истиот судија донесе осудителни пресуди против сите обвинети, но Апелација го врати случајот на повторно судење.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button