ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Аналитичарите песимисти за решение со Бугарија, иако „се рони“ кредибилитетот на ЕУ

По изјавата на премиерот Зоран Заев за можно решение во декември со Бугарија, познавачите на состојбите не се оптимисти дека до крајот на годинава ќе се надмине спорот меѓу двете земји. Не се знае дали воопшто во Бугарија ќе се формира политичка и стабилна Влада по новите избори закажани во ноември. Аналитичарот Благојче Атанасовски вели дека сè дотогаш Бугарија нема ниту да преговара со Македонија за историските разлики.

„Односно да го тргне ветото и да ги почнеме преговорите ние и Албанија, бидејќи Албанија е колатерална штета. Тоа останува и на декемврискиот самит, апослутно не очекувам некое магично решение дека може во Бугарија да се најде политички лидер или водство. Претходно да се создаде таква политичка клима да може да го тргнат ветото, бидејќи влоговите се веќе многу подигнати. Тие цело време поставуваат некои за нас, апсурдни и нереални барања кои го тангираат нашиот национален идентитет, чувствата, јазикот и историјата…“, вели Благојче Атанасовски, Политиколог.

Симонида Кацарска од Институот за европска политика го покренува прашањето дали земјите – членки на Европската Унија ќе можат да најдат форма на соработка со Бугарија за да го откочат процесот за проширување? Потоа, Скопје и Софија да си продолжат да преговараат за историските разлики.

„Веројатно е проценето дека постои некоја можност веднаш по спроведувањето по изборите во Бугарија и мислам дека на таа база се основаат овие проценки. Јас не би била премногу оптимист, мислам дека не би ги подигала очекувањата. Да се надеваме дека ќе бидеме позитивно изненадени. Во Европската Унија и во институциите на ЕУ им е јасно дека ова прашање го руши кредибилитетот на пристапниот процес и на унијата“, вели Симонида Кацарска, Институт за европска политика (ЕПИ).

Кацарска не очекува дека на самитот ЕУ – Западен Балкан на 6 октомври во Словенија, ќе има некаква позитивна одлука за Скопје и Тирана. Инаку, Американскиот заменик – помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Габриел Ескобар вчера изрази надеж дека европските држави ќе ја разберат стратешката важност и ќе им се овозможи на Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button