ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Анализа: Функционерите достапни на социјалните мрежи, но не комуницираат со граѓаните

Функционерите се достапни на социјалните мрежи, но не комуницираат со граѓаните. Анализата на Институтот за добро управување и евро – атлантски перспективи покажува дека комуникацијата е едностраната, односно функционерите го објавуваат само она што сакаат да го кажат. Малку одговараат на прашањата, а уште помалку на критиките на граѓаните.

Функционерите најмногу ја користат социјалната мрежа „Фејсбук“, па „Инстаграм“, а најмалку „Твитер“. Само еден од 120 пратеника е фантом на социјалните мрежи. Но, затоа, шефот на државата, Стево Пендаровски и владините функционери ќе ги најдете на „Фејсбук“, „Твитер“, па дури и на „Инстаграм“.

Тие мрежи ги користат премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерите Љупчо Николовски и Никола Димитров, но и министрите Оливер Спасовски, Крешник Бектеши, Мила Царовска, Насер Нуредини, Фатмир Бесими и Аријанит Хоџа. Ваквата анализа ја направи комуникологот Бојан Кордалов со  уште неколку студенти за односи со јавност од Правниот факултет на УКИМ. Кордалов вели дека функционерите социјалните мрежи ги користат за политички поени. На нив им порачува повеќе да се фокусираат на граѓаните, а не на политичките препукувања.

„Препукувањето  на релација власт – опозиција во било кој табор носи овации и аплаузи од тврдите поддржувачи на политичката партија и евентуално од дел од симпатизерите. Меѓутоа, градењето на професионален однос со граѓаните, градењето на професионална комуникација со медиумите, тоа е нешто кое овозможува вие како политичари и како јавни функционери во институции бидете многу подобри, вршите многу подобри јавни услуги а со тоа задоволството кај граѓаните биде поголемо“, рече Бојан Кордалов, комуниколог.

Тројца градоначалници воопшто не користат социјални мрежи. Општините Старо Нагоричане и Арачиново немаат веб страници, а Арачиново како општина, на интернет е достапна само преку „Фејсбук“. Кордалов оценува дека ова е загрижувачко, особено во 2020, годината на пандемија.

„Зборуваме за 2020 година, значи 20 години од 21 век и време во кое имаме речиси 85 проценти од граѓаните кои на дневна основа користат интернет. Тоа значи дека немањето на веб страна и неактивноста преку дигиталните платформи е неисполнување на ветеното, а и следење на навиките на граѓаните“, додава Кордалов.

96 министерства и општини имаат веб страница. 16 министерства имаат „Фејсбук“, шест „Твитер“ и пет „Инстаграм“. 60 општини ги има на „Фејсбук“, 17 на „Инстаграм“ и само четири на „Твитер“. Сите три социјални мрежи ги користат само министерствата за надворешни работи, финансии и за здравство, како и Град Скопје и Општина Карпош.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button