ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Антикорупционерите не биле вклучени во планот за антикорупција

По најавата дека владата офанзивно преку државен план ќе се бори против корупцијата, денеска претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска за Алсат вели дека тие не знаат детали од планот. И антикорупционерите, како и целокупната јавност информациите ги дознале од вчерашниот прес. Засега владиниот план за сузбивање на корупцијата во Македонија не е доставен до антикорупциска.

„Јас не знам како го правеле планот, но сите наши забелешки, наоди, иницијативи ги доставивме до Николовски, така што претпоставувам дека тоа било некаков извор и база за креирање мерки во планот. Бидејќи конкретно во изготвување на тој план ние не сме биле вклучени“, рече Билјана Ивановска претседателка на Државна комисија за спречување корупција и судир на интереси.

Побаравме став и од УЈП, дали со вмрежувањето на институциите ќе може да се гледа во сметките но и на тацна да бидат ставени даночните тајни на граѓаните. И од УЈП ни соопштија дека го немаат видено планот на владата за сузбивање на корупцијата, и не знаат кои податоци ќе треба да ги даваат на антикорупционерите.

„По дефинирање на тоа кои податоци ќе треба да се разменуваат за оваа намена, ќе се утврди потребата за измена на законските прописи“, велат од УЈП.

За ефикасна реализација на планот за борба против корупцијата е потребно вмрежување на институциите, потенцираше вчера вицепремиерот Љупчо Николовски. Но кои ќе бидат институциите кои ќе ги дадат на увид податоците и кој се ќе може да ги прочешлува засега е непознато. За да може ова да се спроведе ќе биде потребно и измена на неколку закони.

Инаку, според планот ќе следи дигитализација на обвинителството, зголемени ингеренции на инспекторите, поедноставни процедури за вадење лични документи на граѓаните, конфискација на нелегално стекнатиот имот. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, реагираше дека не може двоецот Заев-Николовски да се борат против корупцијата бидејќи токму тие како што велат се извор на корупција во земјава.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button