Арафат Муареми со дрва и камења против Вилма Русковска
Арафат Муареми со дрва и камења против Вилма Русковска
Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми ќе поднесе кривични пријави против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за злоупотреба на службената положба и фалсификување на службена исправа. Муареми брифира дека извештајот од надзорот на Обвинителството на Љубомир Јовески ги потврдува неговите обвинувања за, како што вели, незаконскиот претрес што овие обвинителки го спроведоа во Управата. Тој се сомнева во задни намери на обвинителката Русковска.
„Претресите беа тенденциозни и со единствена цел – да се наруши мојот личен углед, угледот на целата институција, да се доведат во прашање сите сегашни, а и идни постапки/предмети кои Управата ги води, а со цел да заштити нечии интереси?! Дали претресот е начин Вилма Русковска да дојде до предметите коишто Управата ги работи и да изврши директен увид во тие предмети?“, изјави Арафат Муареми – Директор на Финансиската полиција.
Управата за финансиска полиција не е задоволна од соработката што ја има со Обвинителството за гонење организиран криминал предводено од Русковска. Неофицијално, за поголеми предмети по кои Управата постапувала, како што се пријавите за перење пари во Фудбалската федерација на Македонија, злоупотреби во општина Карпош, Министерството за транспорт, АД ТЕТО и други каде наводно се проневерени милиони денари, сè уште нема никаков исход. Тие се во обвинителството на Русковска, па од финансиската полиција прашуваат дали тоа ќе отвори истражни постапки и во која фаза се пријавите?“.
„Зошто Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од нас не побара да се извршат проверки во актуелни истраги (да се испита потеклото на парите за Мијалков, за Груевски, за Орце Камчев…), а експресно постапи по оваа анонимна пријава и дојде неосновано и незаконски да прави претреси? Ние сме добивале прашања од новинари, зошто не проверите, дали ќе проверите… Обвинителството во истражни и судски постапки тоа треба да го побара од нас, мора да бидеме повикани“, велат од Управа за финансиска полиција.
Инаку, Русковска го побара претресот во Управата за финансиска полиција по добиена анонимна кривична пријава, а Муареми вели дека барањето за претрес било основано само на оваа пријава, без да содржи никакви докази и аргументи и обвинува дека таа до Судот доставила лажни податоци.
„Наредбата за претрес опфаќа „основано сомнение“ и дека сум сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Вилма Русковска, без да има ниту еден доказ, без да обезбеди ниту еден доказ, до Судот, а и во јавноста ме обвинува дека сум сторил кривично дело“, нагласи Арафат Муареми – Директор на Финансиската полиција.
Муареми исто така вели дека Русковска не го испочитувала Законот за кривична постапка и во делот на вршење претрес во државен орган, бидејќи морала на претресот да го повика и министерот за финансии Фатмир Бесими, под чија надлежност е Управата.
Лука Андреев