ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Артан Груби за инцидентите во фудбалот: „МВР и ФФМ да преземат мерки “

Fatlume Dervishi

Политичките претставници повторно констатираа дека треба да се прекине насилството и инцидентите на спортските терени иако многу малку се презема на овој план. Првиот вицепремиер Артан Груби, кој и самиот беше присутен на вчерашниот натпревар, вели дека надлежните институции мора да реагираат.

„Со големо жалење ги следев сцените вчера на стадионот во Чаир и сцените на натпреварот на стадионот во Тетово меѓу двата клуба, Шкендија и Шкупи. Навреди од двете страни, некогаш таму, а некогаш тука. Треба да се казнат. Не е добро, но тоа е прашање на органите на Фудбалската федерација. Треба да ги преземат вистинските чекори, но и Министерството за внатрешни работи за да се избегнуваат инциденти на спортските натпревари.“

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека МВР не прави доволно, туку, наместо тоа, се занимава со криминал.

“Тоа што е јасно е дека МВР наместо да си ја работи работата, е ставена во функција на криминалот и корупцијата, во функција на издавање на пасоши за светски мафијаши, во функција на сокривање на она што значи транспорт на дрога преку македонски граници… Се додека СДСМ и ДУИ се на власт, во Македонија владее само криминал и корупција и креирање на безбедност во кој што граѓаните не можат долго да издржат”, вели Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Алијанса за Албанците бара ваквите инциденти да се регулираат со соодветен закон и сторителите да бидат казнувани.

„Факт е дека инцидентите на спортските натпревари и говорот на омраза на спортските натпревари е загрижувачки. Тоа се случува постојано и никој никогаш не е казнет. Мислам дека тоа е прашање што треба да се реши со добар закон за да не ни се случуваат слични работи во иднина.“

Вакви инциденти на спортски настани имало и во минатото. Законот за спречување на насилство и недолично однесување на спортските натпревари постои од 2004 година и досега неколку пати беше изменуван и дополнуван. Повторувањето на истите сцени се чини оти покажува дека неговата примена не ги носи потребните резултати.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button