ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Атрактивните плажи во Охрид останаа без струја

Најатрaктивните градски плажи во Охрид, денес останаа без струја. Од ЕВН Македонија за Алсат велат дека биле усклучени по барање на општината, како надлежен орган кој во моментот стопанисувал со земјиштето.

„Тие не се исклучени по однос на неплатени сметки. Истите се известени за исклучувањето, пред тоа да биде направено“, велат од ЕВН Македонија.

Поранешните концесионери, пак велат дека не добиле никакво известување за исклучувањето на електричната енергија. Велат дека им биле платени сите сметки за струја и не ја исклучуваат можноста за ова да ги тужат општината и ЕВН. Од општина Охрид велат дека на концесионерите им било дадено време сами да ги отстранат нелегалните градби и дека рокот истекол минатата недела. Најавуваат дека деновиве ќе почнат со нивно уривање. Од угостителските комори велат дека е голема грешка, што ова се прави пред почеток на туристичката сезона.

„Било кое рушење во моментот без соодветна стратегија дали понатаму и како ќе се користи во склоп на туризам и угостителство, местото односно плажата и локацијата е само избрзано и краткорочно решение, кое ќе направи ненадоместливи штети не само за туризам, туку и за угостителите и луѓето што живеат во тие средини“, вели Здравко Јосифовски-Национална угостителска комора.

Поранешните концесионери со плажи минатата недела побараа од советот на општината да донесе одлука, акцијата за рушење да биде одложена за крајот на септември како и изнаоѓање на преодно решение за усогласување на објектите, согласно препораките на УНЕСКО и постоечката регулатива.

„Таквите акции не требаше сега да се одржуваат, бидејќи без разлика како и што, не сакавме да навлегуваме во законитоста на објектите и нивната градба, туку фокусот беше дека е погрешен тајмингот дека се случуваат таквите акции“, рече Михаил Мишев-претседател на здружение на угостители.

Од советот на општината велат дека тие не се надлежни да носат одлука за одложување и дека на средбата меѓу советничките групи на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ била дадена поддршка на општината да постапува во рамки на своите ингеренции и во согласност со сите законски прописи почитувајќи го принципот на неселективност. Минатата недела градоначалникот на Охрид, посочи дека дел од плажите на Охридското крајбрежје, работејќи на диво, остварувале големи профити, кои достигнувале и до 3 милиони евра.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button