Ауреску не поддржува раздвојување на Скопје и Тирана
Шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску денеска од Скопје порача дека Романија нема да поддржи раздвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија.
– Нема разговори за раздвојување на Северна Македонија и Албанија. Не го поддржуваме тоа развојување. Важно е да се најде решение што е можно побрзо да се започнат преговори со двете земји заедно, рече Ауреску на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Бујар Османи.
Ауреску истакна дека Романија е цврст поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ, и во исто време тесно работиме на многу комплексни прашања.
Османи, пак, од своја страна посочи дека одлуката за раздвојување на Скопје и Тирана е на земјите-членки и дали тие ќе постигнат консензус Албанија да ги почне преговорите.