ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Авганистанците ја поминаа првата ноќ во Македонија, извршени им се ПЦР тестирања

„Граѓаните од Авганистан преноќија во Македонија. Тие се сместени во хотелот Белви, на излез од Скопје. Тука ќе им бидат направени здравствени проверки, како ПЦР тестови, а доколку некој е позитивен ќе биде 14 дена во изолација. Ќе им се понуди и вакцина, за оние кои сакаат да бидат имунизирани“.

Овие 149 лица ќе имаат привремен престој во земјава од 90 дена, а наскоро ќе се знае во кои земји ќе го продолжат животниот пат. Тие од Авганистан, преку Грузија, ноќеска нешто пред полноќ пристигнаа во Скопје со комерцијален авганистански авион. Бремена жена пред пораѓање прва се симна од авионот, заедно со нејзиниот син и брат и веднаш беше однесена на Клиниката за гинекологија.

Може во секој момент да се породи. Во моментот немаме знаци на породување при извршениот преглед од страна на докторката… Има уште четири трудници колку што сум јас информирана во моментов – изјави Милица Бубало, Итна медицинска помош.

Во групата евидентно беше дека има и многу деца. Станува збор за семејства на вработени и соработници на меѓународни организации. Шефот на дипломатијата засега нема информации дали евентуално ќе пристигнат и други бегалци од Авганистан.

Во постојано координација сме со партнерските земји. Ја следиме состојбата на самиот аеродром и како ќе се појават услови за да може да излезе следната група којашто е најавена и потврдена, тогаш ние се разбира ќе бидеме подготвени на ист ваков начин, достоинствено да ги примиме – нагласи Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Земјава прифати да згрижи околу 800 граѓани на Авганистан. Но, дали преостанатите некогаш ќе дојдат, засега не се знае. Од ноќеска паралелно со повлекувањето на американската војска од Кабул, официјално завршија сите евакуации.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button