ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Авокатот на Зеќири подготвува жалба за притворот

Одбраната на генералниот секретар на Владата во оставка Мухамед Зеќири, денеска поднесува жалба за судското решение за 30-дневен притвор. Адвокатот Александар Трајковски за Алсат вели дека во жалбата се побиваат трите основи за притвор, односно се исклучува можноста за бегство на Зеќири, неговото влијаење врз истрагата или повторување на делото. Обвинителката Катерина Коларевиќ рече дека цврсти докази за бегство нема, но поради оперативни сознанија постои таков сомнеж.

Од Судот информираат дека ќе почекаат 48 часа да видат дали на нивна адреса ќе пристигнат жалби за притворот, од страна на одбраната или обвинителството, па најверојатно од понеделник ќе носат одлука.

Зеќири вчеравечер заврши во Истражниот затвор во Шутка, на барање на Обвинителството, кое го сомничи за проневера. Од Обвинителството соопштија дека првоосомничениот ја злоупотребил службената положба, склучувајќи договор без јавна набавка. Според Обвинителството договорот бил склучен со правно лице, во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, кои во моментов не се достапни за органите на прогонот.

Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од над 57 милиони денари, а на штета на буџетот. Износ што бил поголем од 795.000 евра односно од договорениот износ за вршење на консултански услуги – пишува во официјалното соопштение од Обвинителството.

„Си има Управа за финансиско разузнавање, којашто пробува да го утврди трагот како се движеле парите. Кога ќе имаме некој конкретен доказ ќе ве информираме“, изјави Катерина Коларевиќ – јавен обвинител

Дел од медиумите пишуваат дека договорот, кој Зеќири го потпишал во својство на генерален секретар на Владата, се однесувал на изработка на физибилити студија за приватизација на Македонски пошти.

Зеќири, преку фејсбук статус, во текот на вчерашниот ден истакна дека вистината ќе излезе на виделина, воедно поднесувајќи неотповиклива оставка од функцијата, а премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека тоа е акт на политичка одговорност.

Сепак, Мухамед Зеќири, иако е зад решетки, се уште е генерален секретар на Владата. Од Илинденска појаснуваат дека оставката треба да се констатира на владина седница, која ќе се одржи по враќањето на премиерот од Делфи економскиот форум во Грција. Во меѓувреме, функцијата ја врши заменикот генерален секретар Тахир Хани. /Алсат.мк

Лука Андреев 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button