ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Автобусите кои не завршија како старо железо, ќе се вратат на улиците

Автобусите од 90-тите кои важеа за главни загадувачи, може да се вратат на улиците во главниот град поради поскапувањето на метанот, но и поради неподготвеноста на властите да ги субвенционираат превозниците да возат автобуси со еколошки горива како што е метанот.

Приватните превозници велат дека сè уште не добиле официјален одговор од Град Скопје и Владата за субвенционирање на метанот. Но, велат дека доколку одговорот е негативен, тогаш еколошките автобуси ќе останат паркирани, а оние кои требаше да завршат како старо железо, ќе се вратат на улиците.

„Купив три автобуси на метан, сега не ни се исплати да работиме затоа што метанот поскапе. Сега дефинитивно сме принудени да ги вратиме старите автобуси. Новите автобуси што ги купивме треба да бидат паркирани, а се расипуваат ако не се возат… Има плус трошоци, најмалку 3.000 евра по автобус да се поправат и повторно да се возат… Земавме и кредити да купиме нови автобуси, сега не можеме ниту да ги плаќаме кредитите“, изјави Харун Имери, превозник.

Приватните превозници велат дека ќе мора да се откажат и од купување на нови еколошки автобуси. Се жалат дека само кај нас нема мерки против поскапувањето на овој енергенс.
„Планиравме да купиме од 15 до 20 автобуси. Сега сме принудени да ја откажеме оваа активност додека не се создадат подобри услови. Во моментов не е паметно да се земаат кредити за да се купат автобуси кои не можат да се користат поради високата цена на горивото“, велат од Мак-Експрес Транс.

Приватните превозници велат дека нашите институции треба да се заинтересираат како другите земји ја менаџираат ситуацијата. Во последните три месеци цената на метанот кај нас се движеше околу 45 денари за килограм, а сега чини 110 денари.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button