ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Автопатите на „Бехтел-Енка“ сѐ уште без надзор, молк во ЈП за државни патишта

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта ниту денеска не најде време да одговори на прашањата на Алсат зошто доцни изборот на фирма надзор за градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Рокот според министерот за транспорт беше 40 дена од отворањето на понудите, а до денес се поминати 45 дена. Од службата за односи со јавност на ова јавно претпријатие ни соопштија дека директорот Ејуп Рустеми нема да коментира за овој случај сè до завршување на постапката.

„Додека трае процесот на управна контрола на компаниите кои учествуваа на тендерот нема да се откриваат детали. Тоа може да влијае врз целокупниот процес на избор на најповолна понуда“, наведуваат од ЈП за државни патишта.

На 25 октомври беа отворени понудите каде три компании конкурираа за надзор на „Бехтел и Енка“ при изградба на автопатите од Прилеп до Битола, како и на Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан. Станува збор за Егис интернешнал, ИРГ инженеринг и Хил Интернешнал. Нивните понуди на тендерот се движат од 18 до 25 милиони евра.

Изборот на фирма за надзор е услов за старт на градежните работи кои никако да почнат, иако од законското решение за изборот на Бехтел и Енка, како фирма која ќе гради повеќе автопатски делници, помина повеќе од година и половина.

Ова е втор тендер со кој се бара надзор на овие автопати. Првиот пат тендерот пропадна откако хрватската компанија која ја доби работата, не достави банкарска гаранција. Од Антикорупциската комисија уште по соопштувањето на името на „Бехтел Енка“ оценија дека ваквиот начин на избор на компанија без тендер, односно преку закон во Собранието, носи висок ризик од корупција. Лани оваа комисија го оспори законот пред Уставниот суд, но ваквата иницијатива судот ја отфрли. На истиот начин, без тендер Владата на Груевски бизнисот за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Штип ѝ ја даде на кинеската фирма Синохидро. Потоа Специјалното обвинителство на Катица Јанева поднесе кривични пријави и имаше судски процеси.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button