СВЕТ

Барајќи новинар на Дојче веле, талибанците убиле негов роднина

На новинарите и нивните семејства во Авганистан уште им се заканува акутна животна опасност од талибанците. Талибанците вршат „лов“ на новинари и целни убиства и на нивни блиски луѓе.
Во Херат во Авганистан талибанците пребарувале куќа по куќа, барајќи новинар на Дојче веле, за кого претпоставувале дека е во земјата. Притоа пронашле припадницк на неговото семејство и го испрашувале каде се наоѓа во моментот новинарот на Дојче веле. Откако тој одговорил дека новинарот работи во Германија, талибанците го убиле роднината и тешко го раниле неговиот син. Другите членови на семејството на новинарот на Дојче веле успеале да избегаат во последен момент и се наоѓаат во бегство. Генералниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург најостро го осуди убиството и побара ангажман од германската влада.

„Убиството на близок роднина на нашиот уредник од страна на талибанците, извршено вчера во Херат е несфатливо трагично и ја докажува акутната опасност во која се наоѓаат нашите соработници и нивните семејства во Авганистан. Талибанците очигледно во Кабул и во провинциите вршат организирана потрага по новинари. Времето ни истекува!“

„Лов“ на новинари од страна на талибанците

Настаните од последните денови и недели се потврда: талибанците извршиле претрес во куќите на најмалку тројца новинари на Дојче веле, а Нематулах Хемат од приватната станица ТВ Гаргаши веројатно е киднапиран од талибанците, додека Тофан Омар, раководителот на приватната радио станица Пактиа Гаг, според локалните власти, бил целно убиен од талибанските борци.

Двајца мажи, веројатно талибански борци, на 2 август во Џалалабад на улица го убиле преведувачот Амададулах Хамдард, кој често работеше за германскиот магазин „Ди цајт“. А пред еден месец од куршуми на талибанците во Кандахар настрада светски познатиот индиски фотограф и добитник на Пулицерова награда, Даниш Сидигуи.

Повик за помош до германската влада

Од овие причини Дојче веле, заедно со Сојузното здружение на дигитални медиуми и издавачи на весници (БДЦВ), „Ди цајт“, „Шпигел“, Дојчландрадио, ДПА, Репортери без граници, „Штерн“, „Зиддојче цајтунг“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, „тац“, РТЛ, н-тв и Арте, ја повикаа германската влада да организира итно издавање визи за нивните авганистански соработници.

И Здружението на германски новинари апелира за итно дејствување на владата со оглед на прогонот на соработници на западните медиуми. „Германија не смее да го гледа со скрстени раце прогонот и дури и убиствата на нашите колеги“, изјави претседателот на ДЈВ, Франк Иберал, истакнувајќи дека е краен момент за спасување на новинарите и понуда на нивна заштита во Германија.

Неверодостојни ветувања на талибанците

Талибанскиот портпарол Забихулах Муџахид на првата прес конференција ја смируваше меѓународната заедница со помирливи тонови. „Сакам да ве потсетам дека ќе им простиме на сите, зашто само така можеме да ги вратиме мирот и стабилноста. На секој и на сите кои беа против нас, ќе им простиме“.

Талибанците ветија дека и жените ќе можат да продолжат со својата работа. Но, колку се вистински веродостојни ваквите ветувања, покажува видео од Шабнам Давран. На долгогодишната модераторка во авганистанската државна телевизија РТА Пашту, ѝ бил забранет пристап во телевизијата. Талибанците ја известиле дека сега во сила е нов систем и правилата се променети, таа треба да си се врати /DW

(Foto: AP)

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button