ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Белен: Заштитата на малцинствата се подразбира, да не се драматизираат уставните измени

Австрискиот претседател Александер ван дер Белен, кој е во посета на земјава, порача да не се драматизира прашањето за уставните измени. Тој кажа дека минатата година земјава направила тежок, но вистински избор и верува дека промените на Уставот наскоро ќе се реализираат. Според него, не треба да се пропушти моментот, особено кога ЕУ вложува напори во процесот на проширување.

„Сите пратенички групи со многу длабоко размислување да постапат по ова прашање и да размислат долгорочно каков е ризикот, имајќи предвид дека заштитата на малцинствата во Северна Македонија и онака се подразбира. Така што, овој следен чекор сега не би требало да биде драматизиран“, рече ван дер Белен.

Претседателот Стево Пендаровски пак, кажа дека единствен пат до двотретинско мнозинство е да се разговара со политичарите од опозицијата. Тој воедно одговори на најавите на опозицијата дека тие одново би покренале процес на разговори за нова преговарачка рамка.

„Оние кои мислат дека таа преговарачка рамка не е добра и дека кога тие би биле во позиција да преговараат би направиле подобра преговарачка рамка не знаат како функционираат механизмите во рамките на Европската унија“, рече Пендаровски.

Според него, власта и опозицијата треба да ги соочат аргументите „за“ и „против“ уставните измени во живо на телевизија. Така, според него, граѓаните ќе бидат запознаени дека ништо суштинско нема да се смени, а ќе продолжи патот кон ЕУ. Пендаровски потенцира дека државата нема да пропадне со внесот во Уставот на над трите илјади Бугари во земјава.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button