ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Бесими нема да ги покачи платите на вработените

Министерот за финансии Фатмир Бесими се пишмани, нема да им ги зголеми платите на вработените за 30 отсто. Според информациите кои ги добивме, на овој чекор Бесими се решил поради реакциите во јавноста и медиумите. Од финансии засега нема официјална потврда, но извори од Министерството за Алсат тврдат дека пред неколку дена им било соопштено на вработените дека најавеното зголемување на платите нема да се случи. Незадоволни од ваквиот потег на Министерот, вработените ги напуштија рабиотните места и излегоа на предупредувачки штрајк пред зградата на министерството.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за Алсат велат дека ќе поднесат пријава против министерот Бесими..

„Министерот ги повлекол сите решенија за зголемување на плата, платата не е исплатена воопшто и сега ќе барал толкување дека тоа зголемување нема да биде за сите вработени во министерството туку само за два сектори. Не знам како тоа ќе го направи, законот си стои, нема предлог закон за изменување на закон за буџети каде е предвидено зголемување на платите. Многу чудна постапка на министерот и ние подготвуваме опомена пред тужба“, рече Трпе Деаноски претседател на УПОЗ.

Синдикалците ги охрабруваат вработените да не отстапуваат, и да си ги бараат ветените пари. Синдикатот УПОЗ најави дека ќе им обезбеди на сите правна помош доколку работата дојде да се докажуваат по судски пат. Ветеното покачување на платите во финансии беше договорено за околу 600 вработени. Министерството за финансии се соочува со одлив на кадри поради ниските плати и обемната работа и вработените заминуваат во Царина и во УЈП. Просечната плата во Министерството изнесува 26.000, а има и вработени кои земаат по 18.000 денари. Највисоката нето плата која била исплаќана во Министерството за финансии била нешто под 40 000 денари.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button