Бјере: Моментумот за проширување е апсолутно тука, ве молам искористете го

Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере денеска во Скопје порача дека проширувањето ќе биде во фокусот на данското претседавање со Европската Унија, кое стартува на 1 јули, дека актуелните геополитички случувања уште повеќе го актуелизираат овој процес, како и дека нејзината држава ќе стори се што е во можност за да го поттикне евроинтегрирањето на земјава, но оти тој пат мора да се изоди заеднички, со цел да се види дали може да се постигне напредок и во кои делови тоа може да се реализира.
Бјере денеска на заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани на прашањето што конкретно би сторила Данска, како иден претседавач на Унијата, во однос на ингегрирањето на Македонија во ЕУ, имајќи го предвид спорот со Бугарија, но и иницијативата од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за средба на македонски и бугарски високи претставници на маргините на Самитот во Хаг, која се уште не е извесна, не даде конкретен одговор, но посочи дека моментумот за проширување е тука и оти земјата треба да го зграпчи.
-Моментумот за проширување апсолутно е тука и веќе сме негови сведоци, направен е прогрес и за Украина и за Молдавија, и сега со Албанија отвораме два нови кластера, еден сега, еден на есен, исто така имаме напредок и кај Црна Гора, кој не се случуваше долго време. Искрено да кажем дека моментумот е тука и ве молам да го зграпчите. И сега со нашето претстојно претседателство со ЕУ морам да ви кажам дека ние не можеме самостојно ова да го туркаме, ние сме тука конструктивно да работиме со вас, со Северна Македонија за да можеме заднички да видиме каде можеме да постигнеме напредок, во кои делови можеме да го оствариме напредокот, истакна данската министерка, додавајќи дека е видливо дека земјава има остварено голем напредок на патот до ЕУ.