ВЕСТИРЕГИОН

Борисов победи, но тешко ќе формира Влада

Вчерашните парламентарни избори во Бугарија не доведоа до расплет на политичката криза во земјата. Сè поверојатно е дека победата на ГЕРБ на Бојко Борисов е пирова, бидејќи тој повторно нема да може самостојно да стигне до мнозинство во Собранието. Неговите политички опоненти јавно кажаа дека нема да коалицираат со Борисов.

„ГЕРБ е прва политичка сила и има голема одговорност. Пред само осум месеци ние со 67 пратеници формиравме тешка коалиција. Сега е нивен ред, народот им го даде мандатот. Ние со ГЕРБ и ДПС нема да коалицираме“, рече Кирил Петков – „Продолжуваме со промената“.

Доколку Борисов не го искористи мандатот за состав на Влада топката ќе се врати кај „Продолжуваме со промените“ на доскорешниот премиер Кирил Петков. Со оваа партија би коалицирале социјалистите, но под услов Петков да не е премиер.

„ГЕРБ ги доби изборите и сега одговорноста е кај нив за да состават Влада. Ние нема да поддржиме нивна Влада. Со ГЕРБ и ДПС нема да влеземе во сојузи“, изјави Корнелија Нинова – Бугарска социјалистичка партија.

Отворен за преговори е лидерот на Движењето за права и слободи, Мустафа Карадај, со цел, како што вели, да се оформи евроатлантска коалиција, но тие и ГЕРБ немаат доволно гласови за сами да формираат Влада.

„Со секој еден од нив можеме да зборува за да изнајдеме формула за состав на стабилно мнозинство и стабилна Влада. Нашите евроатлантски партнери се загрижени за политичката ситуација во Бугарија“, рече Мустафа Карадај – Движење за права и слободи.

Партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов не го помина изборниот праг. Изборниот праг не го помина ниту ВМРО на Каракачанов, но на четврто место според бројот на освоени гласови изби крајно десничарската партија „Преродба“ која отворено дава поддршка на Русија.

Според анализите во бугарските медиуми сега во игра се три сценарија: да се оформи Влада која би немала мнозинство во Парламентот, да се направи коалиција со проевропски курс поради војната во Украина или пак да продолжи да функционира техничката Влада и да се оди на нови избори напролет. Македонија не беше во фокусот на предизборната кампања во Бугарија ниту се спомена во изјавите на полтичарите по изборите.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button