ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бранко Црвенковски: „Ветото од Бугарија ќе трае“

Бранко Црвенковски: „Ветото од Бугарија ќе трае“

Низа критики и забелешки упати поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски за Договорот за пријателство со Бугарија, кој во 2018-тата година го потпишаа тогашните премиери Зоран Заев и Бојко Борисов. Според Црвенковски, голема грешка е што бил избран терминот „заедничка историја“ и што воопшто била создадена Мешовита историска комисија.

„Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“, изјави Бранко Црвенковски – поранешен претседател.

Црвенковски вели односите со Софија биле подобри пред да се потпише Договорот и во одговор на бугарскиот претседател Румен Радев, кој кажа дека нема да дозволи македонизмот да влезе во Унијата, екс-претседателот истакна – ниту можеме, ниту смееме да се откажеме од македонизмот.

Црвенковски порача власта и опозицијата да ја подготват јавноста дека блокадата ќе трае.

„Треба веднаш да се прекине со практиката присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања, водат кон големи разочарувања“, рече Бранко Црвенковски – поранешен претседател.

Екс-претседателот го поздрави отпочнувањето на стратешкиот дијалог со САД, додавајќи дека тајмингот во пресрет на очекуваната нова бугарска блокада, не е случаен. Сепак, според него, овој дијалог не може да биде замена за преговорите со Брисел. Црвенковски ги критикуваше и сите институции надлежни за водење надворешна политика.

„Македонија во Вашингтон нема свој амбасадор цели 4-5 години. Тоа е апсолутно неодговорно и недозволиво. Но, има и од лошо-полошо. Република Македонија си дозволи во два наврати да предложи кандидати кои од страна на САД не беа прифатени. Ова е прв таков случај во историјата на независна и суверена македонска држава“, изјави Бранко Црвенковски – поранешен претседател.

Црвенковски заклучоците ги даде на трибината „Предизвиците во македонската надворешна политика“ во организација на Советот на амбасадори, каде воедно ја осуди руската агресија над Украина.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button