ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Брима: СДСМ победник на локалните избори, Заев со убедливо водство пред Мицкоски

СДСМ бележи солидна предност од 2 проценти во пресрет на локалните избори пред опозициската ВМРО ДПМНЕ, се вели во анкетата која ја направила “Брима галуп” за “Слободен Печат”.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев со 11,8 отсто убедливо води пред лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски кој има само 7 отсто. Ова е уште едно истражување во кое Мицкоски со повеќе процентни поени заостанува зад Заев. Меѓу етничките албански политичари, пак, „трката“ е нешто потесна, иако Ахмети со 5,9% и Биљал Касами со 4,4% го предводат „дуетот“ во власта, пред опозиционерите Зијадин Села (4,1%) и Африм Гаши (0,4%).

Граѓаните даваат поголема поддршка на владејачката СДСМ за разлика од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето доколку денеска се одржат парламентарни избори за СДСМ би изјасниле 19,5% од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 17,5%. За ДУИ се определиле 7,2%, а за Алијанса за Албанците 6%. Од анкетираните, за Движењето БЕСА се определиле 4,7%, колку и за Левица (4,7%), а последна со рејтинг од над 1% е ДПА за која би гласале 1,1% од анкетираните. Сите други партии се под 1% поддршка меѓу интервјуираните гласачи во ова истражување.

Анализата на податоците покажува и дека постои висока корелација помеѓу партиската определба со определбата за кого анкетираните граѓани би гласале за градоначалник на својата општина на претстојните локални избори. Од испитаниците 19,8% би гласале за кандидат на СДСМ, 17,7% за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, 7,5% за ДУИ, 5,6% за Алијансата на Албанците, 4,6% за Движењето БЕСА, 3,3% за Левица итн. Занимливо, во овој момент 2,4% се изјаснуваат дека ќе гласаат за независен кандидат, а 8,8% се изјаснуваат дека нема да гласаат. Сепак, околу една четвртина се во категорија „неизјаснети“, односно 13% велат дека се „неодлучни“, 3,7% велат „не знам“, а 7,4% експлицитно „одбиваат да одговорат“.

Редовниот политички барометар на агенцијата „Брима“ за политичките ставови на населението во Република Северна Македонија во пресрет на локалните избори во државата е теренско истражување, спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на национално репрезентативен примерок (анкетата е направена според методот лице-в-лице, во домот на испитаникот), со запазување на сите демографски карактеристики на популација од 18+ години во државата, во која се опфатени 1.201 испитаници. Резултатите се со маргина на грешка од +/- 2,8%.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button