ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Британскиот амбасадор: Корупцијата во С Македонија се влошува, не се подобрува

Нов ден – нови критики за справувањето со корупцијата во земјава. По американската амбасадорка Анџела Агелер и германската амбасадорка Анке Холштајн, денеска остра порака пристигна и од британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон. Тој на твитер напиша:

„Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во С. Македонија се влошува, не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Велика Британија стои со С. Македонија. Апсолутно е клучно да се справите со ова“, пишува Лосон.

Евроамбсадорот Дејвид Гир пак, вели дека земјата сега е на крстосница. Според него, напредок има, но корупцијата останува да биде сеприсутна во институциите и услужниот сектор.

„Зошто некои јавни позиции треба да се одредуваат врз основа на политичка припадност, наместо по заслуга? Зошто некои деца треба сериозно да работат за да ги добијат своите квалификации, а други не? Овој проблем е огромен, а во изминативе неколку месеци посведочив неколку настани кои разорачаа многу граѓани“, вели Гир.

Од друга страна, вицепремирот Бојан Маричиќ вели дека скринингот со Европската унија ќе придонесе во борбата против корупцијата. Тој уверува дека политичка волја за борбата против корупцијата има.

„Дали е тоа доволно? Секако дека не. Промени има, напредок има, но далеку сме од тоа каде што би сакале да бидеме“, рече Маричиќ.

„Се работи за негативна појава која, без исклучок, секогаш има две страни и тие две страни и тие коишто ја практикуваат се учесници за да постигнат одредена корист, имаат иста одговорност“, рече Фатмир Бесими – министер за финансии.

На денешниот Меѓународен ден за борба против корупцијата во Владата се разгледуваа препораките од Извештајот на Европската комисија во ова поле. Присутните позитивно ја истакнаа работата на Антикорупциската комисија, додека пак евроамбасадорот Гир рече дека одредени институции не постапиле по европските препораки.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button