ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Буџетот за 2022 година влезе во собраниска процедура

Предлог Буџетот за 2022 година ќе овозможи забрзан економски раст и целосно закрепнување на економијата од ковид кризата. Во своето експозе министерот за финансии Фатмир Бесими, образложи дека буџетот е развоен бидејќи во него се опфатени приоритетите на државата. Следната година ќе има редовна исплата на плати и пензии. Државата ќе се позајмува само за реализација на капитални инвестиции, кои според Бесими ќе донесат поквалитетен живот на граѓаните.

„Предлог Буџетот за Република Северна Македонија за 2022 година предвидува, има четири основни цели. Продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението. Економско заздравување и забрзување на растот. Зголемување на инвестициите и во истовреме, консолидација. И непречено финансирање на основните функции на државата и поддршката на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции“, рече Фатмир Бесими-Министер за финансии.

За опозицијата Предлог Буџетот следната година ја загрозува финансиската стабилност на државата. Наместо за помош на граѓаните за излез од енергетската криза, во Буџетот се одвоени огромни пари за купување на мебел и автомобили, вели пратеникот на ВМРО  ДПМНЕ, Бојан Стојановски.

„Во овој буџет Владата не предвидела средства за справување со последиците од енергетската криза. Да одиме дел по дел. Ова е Буџет со висок буџетски дефицит од 4,3 проценти кои ќе донесе рекорден јавен долг од 65,9 проценти од БДП, со што во прашање се доведува фискалната одржливост, односно дали државата ќе може да си ги плаќа сопствените обврски“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО ДПМНЕ.

Опозициските партии поднесоа 220 амандмани од кои во најголем дел се од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Комисиската расправа според деловникот може да трае десет дена од кои пет дена се за општа расправа, а останатите пет расправа за поднесените амандмани. Следната година се планира во државната каса да се соберат 3,8 милијарди евра, а да се потрошат 4,4 милијарди евра. Буџетската дупка ќе достигне 4,3 отсто или 545 милиони евра, а од друга страна, планот на Владата е реализација на капитални инвестиции во висина од 615 милиони евра.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button