ВЕСТИРЕГИОН

Бугарија доби редовна влада, во коалиција ривалите Петков и Борисов

По две години нестабилна власт, со 131 глас во бугарското Собрание беше избрана редовна Влада. Неа ќе ја предводи академикот Николај Денков, кој беше предлог на партијата „Продолжуваме со промените“ на поранешниот премиер Кирил Петков. Иако беа лути ривали со Петков, во Владата учествува и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Коалицискиот договор беше постигнат преку решение за ротациски премиер. Во првите девет месеци Владата ќе ја предводи Денков, чии приритети се влез во Шенген зоната и реформа на правосудството. Во вторите девет месеци, премиер ќе биде предлогот на Борисов – доскорешната еврокомесарка Марија Габриел.

„Денеска е денот да изберете Влада, која има стручност и смелост да носи важни решенија и да презема одговорност. Последниве недели, парламентарните групи на ГЕРБ и „Продолжуваме со промената“ дадоа максимални напори за да се избегне опасноста од организирање шести парламентарни избори за две години, на кои би немало суштинска разлика во резултатот. Беа направени компромиси и од двете страни“, рече Денков.

„Денеска сум оптимист. Тоа што академикот Денков ќе ја предводи Владата на Бугарија во првите девет месеци, а Марија Габриел во вторите девет месеци, ми дава надеж“, рече Петков.

Пред да започне расправата во Собранието, реагираше претседателот Румен Радев.

„Се надевам дека Владата нема да ги предаде националните интереси, како што лидерите на новата коалиција ги предадоа своите гласачи. Се сеќавате како Борисов апелираше да се гласа за него, зашто „Продолжуваме со промената“ ќе ја уништеле државата. Се сеќавате како „Продолжуваме со промената“ повикуваше да се гласа за нив зашто ГЕРБ биле мафијаши. Денеска тие ја делат власта“, рече Румен Радев – претседател на Бугарија.

Додека партиите на Петков и Борисов во собраниската сала истакнаа дека ќе се залагаат европски развој на државата, пред Собранието протестираа приврзаниците на проруската партија „Преродба“ кои обвинија дека се гласа за „американски окупациски режим“. Нивниот лидер Костадин Костадинов изјави дека новата Влада не е влада на бугарскиот народ, туку на странските амбасади.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button