ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарска Комисија за историја повторно ги судри власта и опозицијата

Употребата на придавката „македонски“ при разговорите во мешовитата македонско – бугарска Комисија за историја повторно ги судри власта и опозицијата. Премиерот Зоран Заев тврди дека употребата на оваа придавка не била проблем ниту порано, ниту сега. Вели дека тоа е идентитетска придавка, а идентитетот не е спорен и нема да се дозволи некој да го оспорува.

„Јас сум македонскиот премиер. Нема поголеми, повеличествени или поимперативни интерси освен македонските интереси, зборувам за македонската нација, а со тоа и за македонскиот народ, албанскиот народ и сите народи коишто живеат во нашата земја. Секако, кога зборувате со друга страна за постигнување договор водите грижа и за другата страна, како што очекувате другата страна да води грижа и за вас“, рече Заев.

Овој став на Заев доаѓа по обвинувањето од опозициската ВМРО ДПМНЕ дека СДСМ и Заев „единствено ги бранат бугарските интереси“.

„Тешко на Македонија ако дојде време сега СДСМ и Заев да ги бранат националните интереси, кога продадоа се. СДСМ и Зоран Заев единствено ги бранат бугарските интереси. Зоран Заев чим зине, веднаш ќе излаже“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Употребата на придавката „македонски“ во работата на мешовитата Комисија повторно се актуелизираше вчера по информациите дека двете страни се договориле таа да биде заменета со употреба на уставното име на земјава. Но претседателот на македонскиот дел од Комисијата, Драги Ѓоргиев, ги отфрли овие тврдења изјавувајќи дека придавката „македонски“ и натаму е во употреба. Комисијата повторно ќе ги разгледува горливите историски прашања на средби кои начелно се договорени за еден месец, на 25 и 26 февруари.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button