ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарскиот претседател Радев: „Би било грешка ако Борисов и Заев направат театар и потпишат изјава без јасни рокови“

Бугарскиот претседател Румен Радев е категоричен дека С.Македонија може да започне преговори со ЕУ само откако ќе ги признае објективните историски факти и го искорени говорот на омраза и злоупотребата на бугарската историја. Тој рече дека како одговорна членка на ЕУ, Бугарија не може да дозволи во Унијата да влезе нерешено билатерално прашање.

„Би било голема грешка ако сега Борисов и Заев направат театар пред јавноста и потпишат нова изјава, како онаа од 2017 година, без јасни критериуми, без механизми за верификација и без рокови за спроведување. Имаме поголем интерес нашите браќа од Република Северна Македонија да ја добијат европска перспектива, па затоа сега мора да почекаме да се смират емоциите. Да очекуваме мирен, отворен разговор и многу јасно да ги видиме позициите на двете страни, да не бидеме искушувани од брзи решенија, имитирајќи триумф за европеизација, додека зад таа фасада продолжуваат да скапуваат проблемите на режимот на Тито и неговата идеологија. Бугарија, откако не ги вклучи нашите барања во преговарачката рамка, мора да даде согласност за започнување на преговорите кога ќе бидат прифатени објективни историски факти и кога процесот на искоренување на говорот на омраза и искоренувањето на злоупотребата на нашиот идентитет и суверенитет, ќе станат постојани и неповратни.“

На иста линија со Радев се и министрите Каракачанов и Захариева. Захариева пак, беше категорична дека Софија ќе го блокира стартот на преговорите на државава со ЕУ, сè додека Скопје не се откаже од говорот на омраза против Бугарија. Таа повтори дека Софија не го негира постоењето на македонската држава или правото да го именува јазикот како што сака, но оти тоа не може да се заснова на, како што рече, лаги и негирање за тоа како е создаден овој македонскиот народ. Во меѓувреме, Захариева наведе дека сака односите меѓу двете земји да бидат како односите меѓу Шпанија со Латинска Америка. Инаку, синоќа во бугарското МНР на разговор беше нашиот амбасадор. Бугарската страна побарала да се преземат мерки против објавувањето на податоци на бугарски државјани кои живеат во Македонија и повиците за нивен линч, а притоа ги поздравила мерките преземени од Скопје против палењето на бугарското знаме и говорот на омраза на социјалните мрежи. Во меѓувреме, Германија, која актуелно претседава со ЕУ, очекува поголема подготвеност од Софија за компромис, нагласувајќи дека билатералното прашање мора да се реши надвор од процесот на преговори со ЕУ.

Anesa Salihu

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button