ВЕСТИРЕГИОН

Бугарските експерти: Делницата каде што се случи трагедијата е несоодветно обележана и со преголема дозволена брзина

На магистралниот пат „Струма“ често се случуваат сообраќајни незгоди. Станува збор за пат со многу кривини, угорници и надолници. Според градоначалникот на Перник, овој пат станува уште потежок за возачите и поради временските услови, а во моментите на несреќата автопатот бил влажен поради дождот.

„Патот е влажен. Овој дел има многу голема надолнина. Од вчера врне слаб дожд. Не може да се каже дали причината е лошото време, но причините може да бидат многу“, рече Станислав Владимиров, Градоначалник на Перник.

Екпертите во Бугарија за безбедноста на патиштата веќе побараа оставка од Извршната агенција за автомобилската администрација и директорот на Управата за безбедност на патиштата при Агенцијата за патна инфраструктура поради несоодветно одржување на оваа делница.

„Повеќе пати сме доставувале сигнали за небезбедната состојба на таа делница. Испраќаме детални писмени извештаи за тоа што да се промени и што да се подобри“, вели Диана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики.

И претседателот на Синдикатот на возачи посочува дека брзината на овој пат е несоодветна, со толку кривини и стрмнини. Станува збор за експресен пат со дозволено движење од 120 километри на час.

„Не станува збор за автопат, туку за експресен пат со максимална брзина на движење од 120 километри на час. На овие стрмни наклони, моторната сопирачка на автомобилот е затегната, тоа е одговорност на самиот возач. Ниските заштитни огради не треба да постојат на такви ризични делници од патот“, рече Јонко Иванов Претседателот на Синдикатот на возачи за авто-мото обука.

Патната делница каде што се случи автобуската несреќа била отворена во 2004 година, за која, како што велат бугарските експерти, се уште недостасуваат знаците и системите за ограничување на брзината. Според информациите оваа делница ја градела македонската градежна фирма „Маврово“.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button