ВЕСТИРЕГИОН

Бура на политичката сцена во Софија поради преговорите со Македонија

Бугарската Влада ја префрли топката кај собраниската Комисија за надворешна политика која би одлучувала за евентуално решение со Скопје, кое ќе биде во спротивност со бугарската Рамковна позиција. Според премиерот Кирил Петков, секој предлог за надминување на спорот кој доаѓа од Брисел или држава-членка на Унијата, а се коси со Рамковната позиција, ќе се разгледува во собраниското тело.

„Од тука па натака ниеден политичар нема да може да каже дека Владата би презела еднострани дејствија. Решението за Северна Македонија е на Парламентот и одлуката на Владата ги задолжува и нашите претставници во Брисел да не земаат решение без Парламентот“, изјави Петков.

Од друга страна, за текот на преговорите со Скопје, во бугарското Собрание беше сослушана шефицата на дипломатијата во оставка, Теодора Генчовска. Според неа, Петков му ветил на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кревање на ветото до крајот на јуни, а Владата се обидела да го измени и текстот на бугарската Рамковна позиција, во делот во кој се оспорува постоењето на македонскиот јазик до 1944-тата година.

„На петти април советникот на премиерот за надворешна политика испрати нацрт-измена на Рамковната позиција. Но, со содржината всушност се предлага промена на бугарската национална позиција. Во овој нацрт на Рамковната позиција не фигурира ставот за т.н. македонски јазик“, рече Генчовска.

Погледите на 18 милиони луѓе се свртени кон Софија – рече денеска министерот за надворешни работи Османи. Во пресрет на јунскиот самит , Османи кажа дека остана уште кратко време за да се види дали Бугарија, која ја врати европската агенда на Западниот Балкан на Самитот во 2018 година, сега ќе ја погреба европската иднина на овие земји.

„Јас се надевам дека бугарските политичари ќе се издигнат на нивото на задачата којашто ја имаат и нема да дозволат во Софија да се изгради споменик на гробот на најуспешната политика на ЕУ во последните 75 години, а тоа е политиката на проширување“, рече министерот Османи.

Албанскиот премиер Еди Рама не очекува бугарските политичари да го променат ставот и Македонија и Албанија да добијат датум за преговори на јунскиот самит. Во интервју за „Политико“, Рама оценува дека бугарските лидери го направиле прашањето толку големо, што сега не можат да се повлечат.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button