ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Чекајќи нови судии, Уставниот суд со месеци нефункционален

Уставниот суд ниту денеска не можеше целосно да ја истера седницата. Немаше доволно кворум за да се одлучува дали се оценува уставноста на дел од Кривичниот законик, откако го оспорила адвокатка. Но, во Уставниот суд не е заглавен само овој предмет. Такви како него ги има повеќе од 30. Причината е иста – судот работи со само пет, наместо со девет судии. Три треба да избере Собранието во еден наврат, а потоа ќе треба уште еден. За актуелните три места, има девет кандидати. Во петокот предлозите беа констатирани во собраниската Комисија за избори и именувања. Седницата се очекува да продолжи деновиве.

„Се надевам дека оваа седница ќе заврши. Колегите сериозно ја сфатија работата дека нема причина зошто да се одложува понатаму. Расправата ќе почне, ќе се разгледуваат предлозите еден по еден. Не очекувам опструкции, освен ако не бидеме изненадени“, вели Марија Георгиевска, пратеничка.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека пратениците на опозицијата нема да ги поддржат предлозите за уставни судии на собраниското мнозинство.

„…Имате еден предлог којшто е кабинетски службеник на поранешен министер за здравство, којшто во животот нема една минута стаж, треба да биде уставен судија. И еден добар и слеп послушник којшто пет години не бекна нешто против Зоран Заев и власта и сега треба да добиеме, како што Кацарска стана уставен судија, треба уште двајца такви да станат уставни судии…“, рече Мицкоски.

Шефот на Обвинителството, Љубомир Јовески, Татјана Васиќ и Фатмир Скендери се предлози на собраниското мнозинство за уставни судии, додека на опозицијата се Саво Климовски, Родна Живковска, Тодор Витларов, Бранко Секулоски, Весна Јовановска и Воислав Тимовски. Од нив, ќе се изберат тројца. Но, потоа ќе треба да се почне избор и на уште еден затоа што додека 10 месеци траеше актуелната постапката, во меѓувреме во пензија замина уште еден судија.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button