Да се преиспита прескокнувањето нивоа на урбанистичко планирање, нов закон до ноември
Дел од општините веќе ги изработуваат проектите за училишта, градинки и катни гаражи, откако стапија во сила неодамнешните измени во Законот за урбанистичко планирање, за кои скратената постапка во законодавниот дом власта ја правда со потребата од поедноставување на процедурите и користење на средствата што ги определи Владата со ребалансот на Буџетот за поддршка на општинските проекти.
На почетокот на септември треба да биде формирана работна група за нов закон за урбанистичко планирање кој ресорниот министер Александар Николоски го вети пред невладиниот сектор од каде реагираа за скратената постапка за законските измени, но и на нивната содржина. Ресорното Министерство очекува законот да биде изготвен во октомври или ноември годинава. Најавува и конкретни чекори за подготовка на специјални закони со кои ќе се забрани градењето во скопските општини Центар и Карпош, но според дел од експертите, не треба да се случи целосен мораториум туку првенствено да се направи ревизија на сите детални урбанистички планови.