Дамева ги демантира информациите за продолжување на нејзиниот мандат

Претседателката на судскиот совет Весна Дамева ги демантира информациите за продолжување на нејзиниот мандат на уште шест месеци, кој и истекува кон почетокот на декември оваа година. Дамева вели дека немало одлука за продолжување на мандатот, туку само се вршеле консултации за тоа до кога треба да ја извршува функцијата.
„Со оглед дека во два наврати беа донесени одлуки за разрешување, и тоа на 26.04.2023 година и на 04.05.2023 година, сметав за потребно само да се дефинира точниот датум до кога треба да ја извршувам функцијата во траење од 2 години. За правното прашање околу времетраењето на мандатот, иако членовите на Советот имаа свој став, сепак беа консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, па само се потврди ставот на мнозинството дека мандатот треба фактички да се извршува 2 години“, наведуваат од Судскиот совет.
Дамева на 5 декември 2022 година е избрана за претседател на советот, функцијата ја вршеше до 26 април 2023 година, кога беше разрешена, а потоа со одлука на управниот суд на 4 јануари годинава се врати на претседателското место. Во меѓувреме, Министерството за правда крои ново законско решение за судски совет, но и покрај тоа заменик-министерот за правда не ја исклучува можноста за распуштање на судскиот и советот на јавните обвинители, како резултат на низата скандалозни одлуки кои произлегоа од овие тела.
„Покрај унапредување на законската регулатива и рамка остануваат отворени и сите сценарија на разрешување на овој проблем. Остануваме и на ставот и дека доколку е потребно ќе се оди и со распуштање на советите со цел нивна декриминализација и деполитизација на судскиот систем“, рече Ален Деребан, заменик министер за правда.
И премиерот Христијан Мицкоски вчера најави робусна акција против сите корумпирани судии и обвинители со цел да се ослободат институциите и правдата да може непречено да се спроведува. Новиот закон за судски совет пак треба да биде готов до јуни следната година, а во тек се јавни дебати во кои учествуваат судии од сите апелациони подрачја во земјава.
Михајло Донев