
Два од биолошките лека што недостасуваат на Клиниката за онкологија ќе им бидат достапни на пациентите до крајот на неделата, додека пациентите на кои им требаат други терапии ќе треба да чекаат до следната недела. Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, рече дека Клиниката за онкологија се двоуми дали да направи регистар на заболени од рак, со образложение дека нема кој да ги регистрира. Според него, непријавувањето на пациентите создава недостиг од биолошки терапии, бидејќи тие немаат сознанија кој ги прима лековите.
Клековски вели дека немањето биолошки терапии е организациски, а не финансиски проблем. Поради оваа причина тој ќе инсистира регистрите да се направат до средината на годинава.
Од петокот пациентите се соочуваат со недостиг од шест биолошки терапии Доколку не се обезбедат потребните терапии, постои ризик заболените од рак наскоро да се соочат со недостиг од четири други биолошки терапии. Пациентите бараат и вклучување на овие лекови на позитивната листа.
За барањето на пациентите овие терапии да бидат ставени на позитивната листа, Клековски рече дека не можат да вклучат нешто на позитивната листа кога немаат податоци колку лекови се потрошени.
Линда Ебиби