ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Денеска е Светски ден на слободата на медиумите, што се случува кај нас?

Владата и институциите треба да покажат сериозна одговорност и посветеност во поддршката на правата и слободата на медиумите. Ова е ставот на Советот за етика во медиумите, кој по повод 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите, ги потсети властите да создадат соодветен простор во кое јавните гласила би работеле без никакви ограничувања и пречки.

Секој обид да се интервенира на изолиран начин во медиумските политики и реформи, спротивно на професионалните напори на медиумите, ќе се сфати како обид за контрола и влијание, но и за наметнување на рестриктивни услови за работата на медиумите. Од особена важност во овој процес е промената на дискурсот и ставот на политичарите, креаторите на јавното мислење и центрите на моќ кои често пати ги претставуваат или третираат медиумите како непријателски страни – велат од Совет за етика во медиумите.

Од Здружението на новинарите велат дека пандемијата ги истакнала слабостите во новинарството.

Блокада на реформите во медиумите, немање правда за новинарите, само еден случај решен од 16 напади врз новинари минатата година, скандалозни судски одлуки поврзани со ‘27 април’ и одбиени тужби на новинари – велат од ЗНМ.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, истакна дека професионалното новинарство е клучно во борбата против лажните вести.

Дури и пред пандемијата, безбедноста на новинарите беше критично прашање, но по избувнувањето на КОВИД 19, новинарите се соочија со уште поголем ризик. Сега повеќе од било кога ја гледаме нашата приватна безбедност поврзана со новинарите, чија работа и известувањето за вестите влијаеше врз формирањето на нашите одлуки – изјави Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Според последниот извештај на „Репортери без граници“, во 2020 година С. Македонија се искачи за две места на светската листа за слобода на медиумите и е на 90-та позиција. Сепак, во извештајот се наведува дека високи владини функционери и понатаму им се закануваат и ги навредуваат медиумите. Закани за напади врз новинари во земјава беа споменати и во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент каде пишува дека културата на неказнивост во земјава е добро вкоренета и претставува пречка за безбедноста на новинарите.

Мефаил Исмаили

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button