Денеска погреб на загинатите во пожарот во Кочани

Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска ќе бидат погребани. Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Погребните церемонии ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во село Облешево, додека погребите на други места од каде што има починати ќе бидат во различни временски периоди.
Членовите на бендот ДНК кои починаа во пожарот ќе бидат погребани денеска во Скопје и Струмица. Пејачот на бендот Андреј Ѓорѓиески, ќе биде погребан на градските гробишта Бутел, а членката на бендот и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ), Сара Пројковска на гробиштата во Лисиче. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.