ВЕСТИСВЕТ

Денот на Европа 9 Мај и годинава се одбележува во екот на пандемијата

Денот на Европа 9 Мај и оваа втора година по ред се одбележува во екот на пандемијата на Ковид-19. Поради рестрикциите, во Брисел и годинава нема да бидат отворени вратите за прослава на Денот на Европа, но нема да изостанат многубројните онлајн активности, меѓу кои и онлајн дебати со амбасадорите на Европската Унија.

Денот на Европа – 9 мај, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ. Тогаш Шуман го презентира предлогот за создавање организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент.

Предлогот познат како „Шуманова декларација“ се смета за почеток на формирањето на тоа што денес претставува Европската Унија.

Декларацијата била предлог за поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават организација која заеднички ќе управува со нивните индустрии за јаглен и челик, со цел војната во Европа никогаш да не се повтори. Првично, активностите се однесуваа на создавање заеднички пазар за јаглен и за железо на земјите основачи – Германија, Франција, Белгија, Италија, Луксембург и Холандија.

Денес ЕУ ја сочинуваат 27 земји членки, откако Велика Британија по т.н. Брегзит официјално излезе од Унијата на 1 февруари минатата година. Оваа година Денот на Европа ширум светот ќе се прослави генерално онлајн преку најразлични активности со цел да се оддаде почит на солидарноста на многуте Европејци кои помагаат во борбата со корона кризата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button