ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Децата од Црнилиште учат во мизерни услови – доградбата на училиштето трае со години

Ова е моменталната состојба во основното училиште „Исмаил Ќемали“ од с .Црнилиште, Општина Долнени. Како што може да се види од фотографиите и видеата обезбедени од Алсат, ситуацијата е мизерна во оваа училишна зграда каде што над 300 ученици од прво до деветто одделение посетуваат настава.

Некои од родителите со кои контактиравме изразија револт за условите во училиштето, додавајќи дека нивните деца се чувствуваат загрозени за време на наставата. Исто така, родителите се жалат на недостаток на греење во училниците.. Од снимките се гледа како учениците се загреваат со греалка додека радијаторите се ладни.

Го контактиравме директорот на училиштето, Муамет Сулемани кој рече дека условите во училиштето не се такви какви што се прикажуваат на фотографиите и видеата. Според директорот, греење не недостасува, туку не се постигнува вистинска температура поради градежните работи кои се одвиваат во овој објект. За ваквата состојба Сулејмани вели дека е информиран и Советот на родителите.

“Кога гледаме дека е ладно и објектот не го овозможува тоа или оваа мрежа не ги исполнува условите, ги скратуваме часовите или ќе ги прекинеме со дозвола од општината, а денот ќе го надокнадиме”, вели Сулемани.

Исто така, директорот Сулемани рече дека хаосот во основното училиште „Исмаил Ќемали“ е создаден поради долготраењето на градежните работи поврзани со додатниот објект кој започна да се гради во септември 2023 година и се уште не е завршен. Дополнителниот објект предвидува изградба на 7 училници и 2 кабинети за наставниот кадар. Рокот за завршување на овој проект беше во декември 2024 година и сега повторно е одложен за септември годинава.

„Ја известивме општината дека изградбата доцни, неколку пати имав средби со градоначалникот на општина Долнени, каде исто така често интервенираше во Министерството и кај овие компании кои беа избрани да го изведат проектот. Но, тие досега сменија три фирми, не знам што е работата. Еден почнува, друг продолжува, потоа трет и така натаму, ние страдаме како училиште од инаетот што го водат овие меѓу себе, не знам што е работата“, додава Сулемани.

Министерството за образование соопшти дека детално ќе ги испита можните пречки кои веќе предизвикаа доцнење во изградбата на дополнителниот училишен објект за кој станува збор.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button