ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Девет дена по трагедијата, не се познати причините за пожарот

Документацијата со спецификациите на сите модуларни болници од денеска се скенира во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Истражителите бараат одговори дали и кој бил надлежен за надзорот при градење, како и за техничкиот прием на модуларните болници. Примероци од документацијата за тетовската модуларна болница добиле и германските експерти за крим техника и форензика кои од вчера на терен ги утврдуваат причините за избувнувањето на пожарот.

„Наши експерти ја направиле техничката документација, а од Светска банка направиле одредени корекции на таа техничка документација, така што тоа и им испративме на колегите за кои кажав, за да експертите можат да проверат дали модуларните болници се набавени и направени во согласност со таа техничка документација која е одобрена од страна на Светска банка… Во Бирото за јавни набавки имаше малку, а доукументацијата ја добивме мислам во вторникот, а од Министерството за труд и социјална политика ја добивме вчера негде после 14 часот, така што дури денеска истражителите почнаа со првично разгледување на истата“, рече Вилма Русковска, Шефица на ОЈО ГОКК.

И додека обвинителството за организиран криминал истражува евентуални пропусти при градбата, а тетовското обвинителство бара одговори за тоа како избувнал пожарот, министерот за здравство во оставка Венко Филипче побарал дополнителна проверка на сите ковид- модуларни болници. Тој не се откажува од идејата амбулантите во бараките да се заменат со модуларни амбуланти. Според Филипче, ако ги немавме модуларните ковид болници ќе го имавме италијанското сценарио, а ќе немаше каде да се хоспитализираат пациентите.

„Во ситауција на пандемија само тоа е решение. И апсолутно преземавме мерки, ги задолживме сите директори каде што има модуларни болници да направат контрола. Не известија дека се проверени сите инсталации, струја, канализација… целокупниот персонал дали се однесува според упатството предадено за време на примопредавањето и сите потврдија дека се е тоа во најдобар ред“, рече Филипче.

Од Обвинителството кое ја води истрагата денеска нема никакви нови детали ниту информации за причините за настанувањето на трагедијата. Иако државните институции очекуваа брза истрага – девет дена по несреќата не се ни навестува што го предизвикал пожарот.

„Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција да одговори од својата надлежност. По нивното добивање на извештаите, ќе излезе тој со свој збирен извештај во кој ќе се види прво што е причината за пожарот и второ дали зад тоа евентуално има и некаква човечка грешка“, велеше претседателот Пендаровски.

Ноќта на 8 септември при пожарот во модуларната ковид болница во Тетово животот го изгубија 14 лица, а 12 се спасија.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button