ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Џафери: „Не е во ред сите да викаме по Арбер Адеми“

Џафери: „Не е во ред сите да викаме по Арбер Адеми“

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, тврди дека не ја оправдува постапката на колегата Арбер Адеми во Комисијата за европски прашања, но вели дека станувало збор за испровоцирана постапка.

“Некој си седи на своето место и си ја работи работата, а некој му приоѓа да му пречи, тогаш е јасно кој и што поттикнува. Не оправдувам никого, но ако ја сакате општата слика, треба да гледате како целина како дошло до тоа. Не штитам никого. Не оправдувам таков потег. Но, не е во ред сите да викаме по него. Не затоа што е од ДУИ, туку не е во ред затоа што некој ја донесе таа ситуација. Никој не треба да реагира така, како што не треба да реагира опозицијата, не треба ниту власта. Испраќам порака дека ова не треба да се повтори и нема да се повтори освен ако некој не го иницира и не го испровоцира тоа.“, изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.

Седницата на комисијата, освен што помина со тензии и насилство, беше проследена со многу прекршувања на собраниската процедура и Деловникот при разгледувањето на Законот за работни односи за продолжување на мандатот на судиите и обвинителите за уште три години по заминувањето во старосна пензија.

Законот добил ѕвезда на ЕУ за да се избегне блокирање од опозицијата, иако тој нема никаква врска со директивите на ЕУ. Спротивно на досегашната практика и правото на пратениците кои се членови на комисијата, не добиваа можност за процедурални говори.

Тоа право им се даваше само на координаторот и заменик-координаторот на пратеничката група на ВМРО, но не и останатите пратеници. Без да им се даде збор на пратениците кои беа пријавени, беше изгласан дневниот ред и беа отфрлени само 2 од вкупно поднесени 381 амандман.

Потоа, потпретседателката на комисијата ја прекина седницата, велејќи дека двата дена од расправата се завршени. Рокот до кога власта треба да го донесе законот е утре бидејќи потоа 60-тина судии и 10 обвинители еден по еден ќе почнат да се пензионираат. Опозицијата вели дека власта насилно го носи законот.

За опозицијата спорно е дека мандатот на судиите и обвинителите се продолжува со Законот за работни односи, а не со Законот за судови и Законот за јавно обвинителство како што требало да биде.

Но, Законот за судови и Законот за јавно обвинителство се одобрени со 2/3 од гласовите и затоа власта овие измени ги носи преку Законот за работни односи без потреба од гласовите на опозицијата.

Поради сето ова, од опозицијата обвинуваат дека всушност власта им го продолжува работењето на нејзини блиски судии и обвинители./Alsat.mk

Фатлуме Дервиши

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button