Буџетот за 2025 година е документ со кој Владата ги најавува промените во политиките коишто се во насока на остварување на планот за фискална консолидација, обезбедување фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции, обезбедува непречено функционирање на институциите и државата, редовно сервисирање на обврските и она што е најважно за новата Влада е неговата развојна компоненета преку поттикнување реализација на еден значаен инвестициски циклус, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето за Предлог-буџетот за 2025 година пред пратениците.
Идната година, како што истакна министерката, ќе биде година на инвестиции што ќе дадат додадена вредност и што ќе го „откочат тркалото“ и ќе не искачат на едно скалило погоре во остварување на повисоки стапки на економски раст. Димитриеска Кочоска најави инвестиции на ниво од над 47 милијарди денари само во јавниот сектор, за кои очекувањата се дека ќе имаат и значајно позитивно влијание врз економската активност.
Новиот план на Владата, како што кажа, е заснован на реална реализација на овој силен инвестициски циклус во јавниот сектор, надополнет со инвестиции во приватниот сектор и општините.
Годината што доаѓа, покрај инвестиции, рече министерката, ќе ја одбележи и старт на фискална консолидација поткрепена со низа сериозни мерки во остварување на таа цел.
-Ќе работиме на приходната страна за поефикасна наплата на приходите, којашто нема да значи нови даночни оптоварувања поголем зафат во сивата, односно неформалната економија, борба со корупцијата и криминалот, особено финансискиот, рече Димитриеска Кочоска.