До Нова година ќе бидат ставени во функција експресните патишта Прилеп – Градско и Ранковце – Крива Паланка
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска на прес-конференција соопшти дека до Нова година ќе бидат ставени во функција експресните патишта Прилеп – Градско и Ранковце – Крива Паланка.
Како што истакна Николоски по повод сработеното во првите 100 дена, решени се сите проблеми во однос на реализирањето на овие два проекта.
-Ги решивме проблемите на делницата Прилеп – Градско, финансирана делумно од ЕУ. ЕУ во 2023 година побарала формирање меѓуресорска комисија од Министерството за транспорт и ЈПДП, но година и пол не беше формирана. Две недели откако стапив на функцијата министер, ја решивме таа работа и веќе се работи инетнзивно. Делницата Прилеп – Градско ќе ја завршиме до Нова година и целата ќе биде оперативна. Ќе може да се вози по нов експресен пат со два тунела со брзина од 110 – 130 километри на час. Слична беше ситуацијата и на потегот Ранковце – Крива Паланка. И таму ги решивме проблемите. И таму имаме финансирање од ЕУ и до Нова година и оваа делница ќе биде ставена во фунција, подвлече Николоски.
Тој најави и дека до крајот на овој месец ќе почне, како што рече, првата реална работа во однос на коридорите 8 и 10.